Ниту еден нов позитивен случај на Ковид 19 не е регистриран на последните тестирања на екипите од Англиските фудбалски лиги (EFL), што е прв таков случај од почетокот на пандемијата на коронавирус.

Како што е соопштено, во периодот од 15 до 21 март вкупно биле тестирани 5.524 фудбалери и членови на 72 екипи од EFL и нема ниту еден заразен со коронавирус. Од почетокот на јануари EFL започна со тестирања двапати неделно.

Резултатите се одраз на напорната работа и трудот вложен од страна на сите екипи во овој период на големи предизвици. Состојбите во фудбалот, како и во сите други сфери во општеството, во изминатите 12 месеци беа диктирани од вирусот. Меѓутоа, строгите протоколи, што се општо применети, ни овозможија сега нашето внимание да го насочиме кон постепено враќање на работите во нормала, изјави извршниот директор на EFL Тревот Брич во изјава за телевизијата „Скај“.

Тој додаде дека одржување на ваквата епидемиолошка состојба би можело да придонесе за брзо и безбедно враќање на навивачите на стадионите.

OhridNews