Министерот за здравство, Венко Филипче, информира дека состојбата на единствената пациентка со коронавирус во Македонија се подобрува и дека таа веќе трет ден нема покачена температура. Во изминатото деноноќие нема пациенти кои се јавиле во болниците со симптоми на коронавирус. Двајца лекари кои биле на конгрес во Мадрид, каде еден од предавачите имал коронавирус, ќе бидат тестирани и ставени во домашен карантин.

Филипче истакна дека има доволно количини на тестови за коронавирус, близу 1000, а досега се тестирани 13 лица, сите со негативни резултати.

Редовно се контролираат патниците кои влегуваат во Македонија, а се вршат редовни контроли и во однос на цените на заштитните маски и средства за дезинфекција во аптеките.

Во однос на препораките за откажување на јавните собири и одржување на спортски натпревари без публика до 6 март, министерот потенцира дека препораките нема да продолжат доколку бројот на заразени остане само на еден случај.

OhridNews