Претставата „Изгубени германци” во изведба на Македонскиот народен театар која синоќа се одигра во Центарот за култура Григор Прличев побуди силни чувства кај публиката која ги награди актерите со овации.


 
Стожерни  теми на оваа драма на Дејан Дуковски во режија на Слободан Унковски, се есенцијалните прашања за смислата на животот во комбинација со општествените превирања, вклучувајќи го прашањето на хомосексуалноста, подемот на национализмот и на спротивставените  политички движења како левицата наспроти десницата. Иако  дејствието  е сконцентирано и ги следи настаните во периодот од Втората светска војна, самата тематика го разработува и апсурдот како особено типичен за нашето време, алиенацијата (отуѓување), осаменоста и изгубеноста во едно време невреме со екстремни  контрадикции и тегобност така што сите овие прашања се доста актуелни, а во истовреме универзални.


Никола Ристановски вели дека на неговиот лик му е тесно во својата кожа и тој во претставата е репрезент на сите оние кои се трудат да бидат подобри.

Неколку пати  споменавте цитати од Библијата. Како според вас човекот може да биде подобар?

„Божјото царство е во секој еден од  нас, само треба да го пронајдеме и верувам дека љубовта може да не преобрази за да бидеме подобри. Но генерално постојат такви луѓе кои размислуваат на тоа прашање и  се стремат кон тоа и такви кои ја немаат оваа дилема.“-рече Ристаноски.
 
Дали сметате дека светот не може да се смени ако не се сруши како што се вели во една од сцените во претставата?

„Јас го знам точниот пат како  светот може да се смени. Значи ние не треба да го рушиме светот, туку себеси и во се да поаѓаме од себе и само така може да веруваме и сонуваме за подобар свет. Пред се да размислуваме со своја глава како што спомнав во  сцената со  вицот.“-додаде Ристановски.


„Претставата е заглавена во 1944,а оттогаш до денес во однос на човекот нештата не се многу сменети. Настаните се повторуваат заедно со човечките пориви, различен е само технолошкиот  напредок на општеството, а свеста кај човекот тешко дека еволуирала. За да  го промениме статус квото во менталитетот не треба да прашуваме што ќе направи Македонија за нас, туку што можеме ние за Македонија” – вели актерот Тони Михајловски.


 
Како особено интересен  посетителите го издвоија ликот на Американецот со охридски дијалект кој ја насмеа публиката до солзи, а го толкува актерот Оливер Митковски.
 
„Мојата задача како актер беше да ги извлечам од рудникот во кој се заглавени и да им понудам излез од ситуацијата и покрај нивниот отпор да го направат првиот чекор за нов пат  што уште еднаш го поентира стравот од непознатото  и донекаде апсурдот на денешното време, но пред се во претставата јас сум репрезент на светскиот капитализам и профитот” –вели Митковски.


Актерката Ѕвезда Ангеловска која во претставата се појавува со две улоги на почетокот го игра ликот на Италијанецот и футурист Винченцо, а потоа е жена. 
 
Пораката на Ангеловска е дека треба да бидеме промената која сакаме да ја видиме за  да создадеме похуман свет.

„На крајот на краиштата не е толку важна мојата сексуална ориентација во претставата  колку прашањето кое го поставува и кое влече подлабоки корени, а тоа е кои сме и што сме така што целта беше да потикне на размислување. Ние можеме да бидеме подобри со секој индивидуален влог кога нема да се фокусираме на другите, туку ќе тргнеме  од себе иако прашањето за
„Изгубените германци” е универзално прашање  и болка на секое општество ако погледнеме наназад, прашање е само колку сме изгубени. Иако историјата се повторува  и  светот е несовршен,  не треба да бараме изговори туку со  акција и  дела  да се стремиме кон подобар свет така што можеби несовршенството е главниот порив кој не поттикнува да се бориме за враќање на изгубените човечки вредности”- вели Ангеловска.


Според мислењето на публиката актерите совршено ја доловиле поентата на самата претстава и одлично го пренеле драмскиот текст со што текстот и актерската игра ги допреа посетителите и поттикнаа нови видици и пошироко размислување за важни општествени прашања и негативни феномени. Тие со големо внимание ја проследија два и пол часовната претстава, а се бараше и место повеќе.

„Одлична тимска искоординираност,инзвондредна комуникација на сцена  и првокласна  актерска постава.Едноставно претставата ме остави без зборови, но затоа ме поттикна  на подлабоко размислување. По не знам кој пат Дејан Дуковски направи феноменален текст и сум пријатно изненадена како актерите ја доловија поентата”

„Сметам дека тимската работа е најважна во вакви динамични претстави , а вечерва актерите тимски и најпрофесионално си ја завршија работата и апсолутно го дадоа најдоброто од себе.“

„Искрено јас очекував нешто поинакво, мислев дека ќе овозможи барем мало бегство од реалноста, но сосема спротивно- претставата беше целосна слика и прилика на нашето време, целосно отсликување на суровата општествена стварност.” – истакнаа посетителите.

Ивана Чичоска