Организацијата на потрошувачите на Македонија (ОПМ) во 2021 и во 2022 година има добиено над 420 поплаки од потрошувачи во делот на онлајн купувањето. Најмногу од поплаките, како што информираат за МИА, се за техничките карактеристики на производите, доставувањето оштетен производ или откажувањето на нарачката.
Од ОПМ препорачуваат при онлајн продажбата, потрошувачите да не даваат премногу лични податоци доколку им се сомнителни онлајн местата од кои купуваат и секогаш да ги проверуваат сметките или извештаите од банка по извршено плаќање.
Поплаките обично се однесуваат на неисполнување на техничките карактеристики на производите коишто ги купиле, доставување оштетен производ, производ во различна боја од нарачаната, друга големина, доставување понеквалитетен од оној којшто бил презентиран или рекламиран, односно испорака на производи што не соодветствуваат со описот и сликите, не издавање гаранција и упатство за употреба при нарачка на технички производи, неиздавање на фискална сметка или фактура за извршеното плаќање и купување на производите. Како чест проблем е и немањето доволно информации за повлекување од договорот и откажување на нарачката, велат од ОПМ.
Нагласуваат дека во земјава се уште нема механизам со кој би се спречиле онлајн измамите.
Кај нас се уште немаме некој конкретен механизам со кој би се спречиле некои лица да прават профили на социјалните мрежи и да продаваат производи, скриени зад некој лажен профил или назив на некоја онлајн продавница. Од таа причина, потрошувачите се тие кои што треба да внимаваат при купувањето од онлајн продавниците, бидејќи измамата од овие нерегистрирани продавачи кои се застапени на социјалните мрежи е голема и понатаму имаат потешкотии за заштита на своите права, за што и постојано се обидуваме да ги советуваме и едуцираме потрошувачите преку јавување во нашето советодавно биро или на медиумите, велат од ОПМ за МИА.
Во случај на потрошувачите да им бидат злоупотребени личните податоци, банкарски картички и слично, од ОПМ препорачуваат веднаш да пријават во Министерството за внатрешни работи, во Секторот за компјутерски криминал и Агенцијата за заштита на личните податоци.
Доколку потрошувачот при онлајн купувањето има доказ за извршено плаќање (фискална сметка, фактура), а притоа е измамен од продавачот, потребно е да пријави во Државниот пазарен инспекторат, посочуваат од ОПМ.
Кај онлајн продажбата, велат дека е многу важно да може да се направи динстинкција меѓу легалната и нелегалнта продажба.
Најчесто кај продажбата којашто е пред се застапена на социјалните мрежи (Фејсбук, Инстаграм), потрошувачите се соочуваат со голем број измами. Продажбите на социјaлните мрежи, коишто не се регистрирани фирми, немаат регистрирано седиште, не даваат можност за плаќање преку трансакција или сметка во банка и не издаваат фискална сметка/фактура, гарантен лист и друга техничка документација за одреден технички производ или бела техника се класични онлајн измами, во кој потрошувачот е вообичаено и најчесто оштетената страна, истакнуваат од ОПМ.
При онлајн купувањето, особено доколку станува збор за купување од социјалните мрежи, како што велат, потребно е како потрошувачи однапред да утврдат и истражат дали таа продавница е регистрирана фирма, дали има седиште, физичка продавница или, пак, е регистрирана онлајн продавница, дали продавачот нуди можност за плаќање преку трансакција, преку уплатница во банка и за нарачката им испраќа валидна потврда на меил, дали при испорака на производот им доставува фискална сметка/ фактура или сметко-потврда (доколку не им достави, немаат обврска да го подигнат производот) и секако да не потпаѓаат под заведувачкото пазарно рекламирање на онлајн продавачите на социјалните мрежи ( попуст само ден, акција на производи кои се копија од некој актуелен бренд, гратис производи и сл.).
ДПИ порачува граѓаните да внимаваат при онлајн купување
Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) апелира граѓаните пред да извршат онлајн нарачка да ги проверат контакт податоците и останатите податоци за компанијата или лицето кое ги продава производите, веродостојноста на е-продавницата, да ги заштитат своите лични податоци, и да не го примаат производот без да им биде издадена фискална сметка или фактура.
Порачуваат доколку постои каков било сомнеж или е извршена директна измама, веднаш да пријават во Државниот пазарен инспекторат.
Државниот пазарен инспекторат може да постапи само доколку пријавата е поднесена за трговец кој е регистриран и издава фискална сметка, бидејќи фискалната сметка служи како доказ при постапувањето од наша страна. Доколку трговецот за кој се однесува пријавата не е регистриран ние како институција немаме надлежност да постапуваме. Најчесто оние кои продаваат преку социјалните мрежи не се регистрирани, па заради тоа е невозможно да се пронајдат ниту пак да се постапи во согласност со поднесената пријава, велат од ДПИ.
Нагласуваат дека Државниот пазарен инспекторат нема надлежност над меѓународни пазари надвор од територија на земјава за да може да презема мерки за решавање на претставки за нарачки од меѓународни веб продавници.
ДПИ е надлежен за онлајн измами според Законот за е-трговија и тоа според член 7, односно за да може да постапи, трговецот треба да е регистриран на адреса поинаква од домашната, бидејќи Пазарниот инспекторат нема надлежност да врши надзор во домашен односно приватен имот, посочуваат од ДПИ.
Кај регистриран онлајн трговец треба да се достапни најмалку следните информации – име, односно фирма на давателот на услугата, седиште на правното лице, давател на услугата или адреса доколку е физичко лице, податоци за давателот на услугата врз основа на кои примателот на услугата може на директен и ефикасен начин да стапи во контакт со него, вклучително електронската адреса.
Ако давателот на услуги на онлајн услуги ги наведува цените на производите и услугите, тие треба да бидат наведени јасно и недвосмислено, особено треба да се наведе дали во нив се вклучени трошоците на испорака, даноците и манипулативните трошоци кои имаат влијание на наведената цена.
Граѓаните најчесто се жалат на лоши искуства во поглед на квалитетот на производите, неможноста за вршење замена на производите, достава надвор од утврдениот рок, неможноста да се оствари повторен контакт со продавачот најчесто поради недостапност или блокирање на страницата од која се продавале производите. Често се случува производите да се различни кога ќе пристигнат кај граѓаните, отколку оние претставени на фотографијата, проблем е и не издавањето на фискални сметки, фактури или гарантен лист при доставувањето на производите. Заради ваквите негативни искуства во изминатиот период граѓаните интензивно пријавуваат онлајн измами, особено кога станува збор за производи кои се продаваат преку користење на социјалните мрежи, прецизираат од Државниот пазарен инспекторат.
OhridNews