Министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини и министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски денеска го презентираа Предлог-законот за регулирање на статусот на бесправно изградени објекти, со којшто се предвидува можност за легализација на дивоградби изградени пред 1 јануари 2021 година.
Со Предлог-законот за регулирање на статусот на бесправно изградени објекти, Владата предвидува дека нема да бидат легализирани сите видови на дивоградби изградени во рамки на заштитните подрачја утврдени со Закон, изјави Нуредини на денешната прес-конференција.
Истото е предвидено за сите видови бесправни објекти изградени во границите на охридскиот регион, кои се утврдени дека не се во согласност со Планот за управување со светското и културно наследство во регионот на Охрид. Ова подрачје има непроценлива природна, културна и универзална вредност и во него ќе може да се спроведе легализација само на објектите што се во Планот за управување, додаде Нуредини.
Во однос на природно заштитното подрачје, министерот посочи дека нема никаква легализација во зоната на строга заштита и зоната на активно управување.
Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски истакна дека сите објекти коишто се во строга заштита и објектите во зона за активно управување не можат да бидат предмет на легализација.
Тоа значи сите најстрого заштитени зони и подрачја во државата се надвор од овој закон. За останатите зони коишто се зона за одржливо користење, на пример за таквата зона секако ќе може да се поднесе барање за ставање правна рамка, но за таквиот објект и за таквото барање ќе треба да се добие дополнително освен барањето и согласност од животна средина за ваквиот објект. Така што се она коешто беше побарано и е прифатливо веќе гледате дека е вградено со максимален фокус на заштитените зони и подрачја на се она коешто е од интерес на граѓаните на животната средина. Апсолутно сметам дека ставивме голем фокус на заштитените зони и подрачја, рече Бочварски.
Дополнително во овој Предлог закон, додаде тој, ги ограничуваме сите објекти што се класифицирани како поединечни добра и археолошки локалитети односно објекти што спаѓаат во вакви зони и средини не можат воопшто да бидат ниту предмет на легализација.
Бочварски соопшти дека се предвидува скалест начин на пресметување на надоместот за легализација. За објект со површина до 80 метри квадратни висината на надоместот се зголемува за 50 проценти, како казна за бесправното градење, а за објект од над 80 метри се зголемува за 100 проценти. Во прилог на барањето, како доказ за бесправен објект ќе се земаат само предвид сметките за јавни услуги. Од надомест за легализација ќе бидат ослободени граѓани кои имаат до 180 илјади денари нето годишен приход.
Ова е нов закон, различен од претходниот за кој јавноста реагираше и веднаш морам да потенцирам дека при креирање на овој закон заемени се во предвид речиси сите предлози на граѓанските здруженија, коморите, асоцијациите и сите засегнати страни. Исто така законот го услогласивме и со другите државни институции и сметаме дека креиревме квалитетно законско решение со кое ќе се обидеме да ставиме крај на изградбата на бесправни градби и узурпацијата на просторот. Од друга страна со законот нудиме и фер услови за сите оние граѓани кои претходно немале можност да ги легализираат своите домови, рече на прес-конференција Бочварски.
Рокот за поднесување на барањето за легализација е шест месеци од денот на влегувањето во сила на законот. Еден барател ќе може да легализира само еден објект. Во прилог на барањето, како доказ за бесправен објект ќе се земаат предвид само сметките за јавни услуги.
Новиот Предлог закон за легализација е претставен по повеќе од половина година од повлекувањето од процедура на законот за оваа намена по реакциите во јавноста околу можноста за легализација на објекти во заштитените подрачја. Откако Законот не беше потпишан од претседателот Стево Пендаровски, со образложение дека текстот е во спротивност со некои од темелните вредности на Уставот, како и со уставни одредби кои произлегуваат или се во врска со темелните вредности на Уставот, Владата го повлече и најави изработка на нов.
OhridNews