Охридското Езеро до 2014 година нема да се издава под концесија, изјави денеска во Охрид министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Ацо Спасеноски. Ваква одлука донела Владата врз база на  Риболовната основа што ја изработија експертите од Хидробиолошкиот завод од Охрид.

Целта на ваквата одлука е да се заштити рибниот фонд на езерото, односно продолжување на периодот потребен за постигнување на биолошкиот минимум потребен за природен прираст на пастрмката, појасни Спасеноски.

Министерот за земјоделство информираше дека до 2014 година за физичката заштита на езерото ќе се грижи Рибочуварската служба, додека за порибувањето надлежни ќе бидат Хидробиолошиот завод од Охрид и Институтот за сточарство.

Охридското Езеро денеска беше порибено со 50 илјади единки подмладок охридска пастрмка обезбеден од минатогодишниот мрест, а во Хидробиолошкиот завод се одгледуваат уште 1,9 милиони единки со кои ќе се изврши порибување наесен.


Охридското Езеро порибено со 50 000 млади пастрмки

Досега езерото е порибено со 6,5 милиони единки пастрмка, а со модернизацијата на мрестилиштето, што се изврши со донација од 130 000 евра на кралството Норвешка, ќе се зголеми капацитетот за вештачко одгледување на подмладок на риба во Хидробиолошкиот завод.

Ohridnews