Екологистите  предупредуваат дека треба да се врши селективна сеча  во однос на престареноста на дрвото, а не да се сечат и младите дрва заради  економска корист.

„Шумските појаси  се еден од најголемите еко-системи на земјината топка“ вели Лазо Наумоски од Еколошкото друштво „Грашница“. Тој  објаснува дека дрвото помага во производството на кислород, го неутрализира јаглеродниот диоксид а поседува и апсорпциона способност за задржување на влагата во почвата.

„Шумскиот зелен појас  игра улога на пречистувач на  атмосферскиот воздух и врши механичко и  биолошко пречистување. Механичкото пречистување се состои во задржување на  воздушните честици од прав, саѓи, пепел,  а биолошкото се манифестира со фотосинтеза  што ја вршат шумските зелени појаси прифаќајќи го испуштениот јаглерод диоксид од воздухот  и краен продукт на фотосинтезата се шеќерите и ослободениот кислород“ додава Наумоски.

Според него, еден хектар шума за еден час користи односно неутрализира 8 килограми јагерод диоскид што е еднакво на 200 луѓе кои издишуваат за еден час. Еден млазен авион за прелетување на Атантикот, за согорување на горивото троши 35 тони чист кислород. Толкаво количество кислород произведува еден хектар шума за една година.

A.Р.