Министерствата за транспорт на Македонија и Албанија најавуваат скоро отворање на бродската линија Охрид-Поградец, но сопствениците на чамци и бродови велат дека кај граѓаните не постои голем интерес за една таква линија.

До минатата година имаше по некој турист што ќе праша за Поградец но тоа беа претежно жители на Албанија, велат сопствениците на бродови и кајчиња со кои разговаравме на пристаништето. Она што е побитно велат тие, не постојат ниту услови за да се воведе таква линија бидејќи, во Поградец нема пристаниште. Според охридските кајчари  идејата што ја заговараат државите за воведување бродска линија Охрид-Поградец е нереална.


нема интерес за Поградец велат охридските бродари

Неодамна во Охрид Министрот за транспорт на РМ, Миле  Јанакиевски  се сретна со својот албански колега Сокол Даши, со кого разговараа околу воведување на меѓународна бродска линија Охрид-Поградец. Јанакиевски тогаш изрази оптимизам дека бродската линија би можела да профункционира до крајот на оваа туристичка сезона, а ништо помалку оптимист не беше ниту албанскиот министер за транспорт Даши. 


Линијата до Поградец ќе почека подобри времиња

Судејќи колку реално се подготвени двете држави и каков е пред се интересот на туристите воведувањето на бродската линија Охрид-Поградец се чини ќе почека некои подобри времиња.

Г.Момироски