Средбата на Владата и Сојузот на синдикати на Македонија заврши без договор. За во среда е закажан Економско-социјалниот совет на кој ќе се одлучува за барањата на синдикатот за зголемување на минималната плата на 18.000 денари и спирално зголемување на сите останати плати и за враќање на правото за регрес на годишен одмор за сите вработени во јавниот сектор.
Претседателот на ССМ Дарко Димовски во изјава за медиумите порача дека доколку во среда не бидат исполнети нивните барања, ќе организираат штрајк, а не се исклучени и други можности како протест, блокирање на улици.
Како Сојуз на синдикати на Македонија не го прифаќаме зборот „ќе“, туку „кога“ и „колку“. Затоа сум малку револтиран од односот на нашите социјални парнери. Во среда продолжува битката за работничките права. Единствената цел е егистенцијата на работникот во оваа економска, ковид и енергетска криза, рече Димовски по денешната средба во Владата.
На средбата претставниците на ССМ уште еднаш ги поздравија одлуките на Владата за „недела неработен ден“ и за замрзнување на цените на основните производи до крајот на февруари 2022 година.
Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи на средбата истакна дека минималната плата ќе продолжи да расте и системското решение ќе дојде преку дијалог со сите засегнати страни, а решението кое би било предложено секако подразбира одржливост на подолг рок за пораст на минималната плата во согласност со порастот на трошоците на живот и растот на просечните плати.
Битиќи, нагласи дека Владата ќе остане конструктивен социјален партнер, кој ќе охрабрува дебата и дискусија за сите важни прашања во општеството, како што е несомнено висината на минималната плата.
OhridNews