Охриѓани, летово ќе се бранат од комарците и другите инсекти како што знаат и умеат, зашто сосема е извесно дека Заводот за здравствена заштита нема да врши дезинсекција. Како причина, од оваа здравствена организација, ги наведуваат финансиските средства кои што Локалната самоуправа не му ги има префрлено на Заводот. „Во прашање се околу 5 илјади евра, и тоа не е голема сума“, вели директорот Атанаско Михаилов.

Иако, оттаму најавуваа дека  крајот на мај е најповолниот период кога запрашувањето покажува најголеми ефекти, сепак, и сега не е доцна да се изврши дезинсекција, додава доктор Михаилов.

Од Локалната самоуправа велат дека не се работи за отсуство на волја, туку за немање доволно финансиски средства. „Кога требаше да се запрашува против инсектите, ние во тој момент не бевме во можност да обезбедиме средства“ вели портпаролот во Локалната, Никола Маневски. Тој додава дека доколку  стручите лица оценат оти може да се изврши прскање и во текот на летниот период, и ако во тој момент Општината располага со средства, може да се затвори прашањето за уништување на  комарците и другите инсекти.

Александра Ристоска