Цените на електрична енергија и на природен гас растат во европските земји, испораката на електрична енергија е по драстично повисоки цени. Претседателот на РКЕ, Марко Бислимоски и Премиерот Заев уверуваат дека нема да има промени во цената на струјата до Нова Година. Според Бислимоски во моментот кога ќе се зголеми испораката на природниот гас од Русија, во добар дел ќе се стабилизира цената во природниот гас, а со тоа ќе се стабилизира и цената со електрична енергија.
Едно е сигурно нема да има никакви промени до крајот на годината. Во периодот што следи може да се очекува дека одредени држави пред се своето домашно производство ќе го користат за своите потреби, но повторно ќе има трансакции на пазарот на електрична енергија и тоа ќе функционира, вели Бислимоски.
Во овој момент ЕСМ заедно со владата преземаат активности за да се обезбеди јаглен со цел да се стабилизира цената на електрична енергија во нашата држава, додаде Бислимоски.
Премиерот Заев истакна дека енергетската криза ќе биде видлива, но ќе се чекаат следните месеци за да се процени како ќе се одвиваат состојбите, а државата е тука да помогне.
Стабилноста на цената за домаќинствата е гарантирана до крајот на годината и нема никакви причини да стравуваме од тоа, затоа што е гарантирана преку државата, односно преку ЕЛЕМ, ЕСМ и МЕПСО. Ние сме дел од глобалниот пазар, ќе ги следиме внимателно и будно сите случувања на меѓународните берзи. Со сите расположливи капацитети ќе се трудиме нашата економија да ја донесеме во предност пред другите економии, порача премиерот Заев
Тој истакна дека лимитирањето на цените е една од опциите, но во тој случај државата ќе треба да ги плати разликите, но Владата е подготвена да интервенира особено за основните намирници кои ја сочинуваат потрошувачката кошничка
Денес беше најавена изградбата на 415 мегаватна ветерна електрана на потегот Куманово – Старо Нагоричане – Ранковце- Крива Паланка, во вредност од околу 500 милиони евра од Германската компанија WPD. Инвестициите како оваа на WPD, значително го зголемуваат уделот на обновливите извори во енергетиката, ја подобруваат конкурентноста на јавниот снабдувач ЕСМ во регионот и го намалуваат загадувањето.
К.А.