Охридските урбани заедници „Дејан Војвода“, „Радојца Новичиќ“, „Железничка“, „Видобишта“, „15ти-Корпус“ и „Илинден“ во текот на наредните две години ќе добијат асфалтирани улични краци. Ова е предвидено во „Развојната програма за уредување на градежно земјиште од 2015 до 2017 година“, која ја изготви охридската локална самоуправа.
-Оваа програма ги одредува насоките за решавање на комуналните проблеми со кои се соочуваат нашите граѓани, притоа обезбедувајќи основни услови за развој на општината и зголемување на квалитетот на живеење на нашите граѓани. Со ова се продолжува континуираниот развој на општина Охрид и зголемените инвестициони активности реализирани во изминатиот период, пишува меѓудругото во образложението на програмата.
Освен во овие делови од Охрид, планирано е да бидат асфалтирани нови краци на улиците „Сирма Војвода“, „Крум Точко“ и „Момчило Јорданоски“ и да бидат реконструирани дел од краците на улиците „Кирил и Методиј“ и „Абас Емин“. Исто така планирано е да бидат реконстуирани и улици во урбаната заедница „Гоце Делчев“. Нов асфалт ќе добие дел од улицата „Васил Стефоски“ и пристапниот пат до ОУ „Св.Климент Охридски“.
Во рамки на годишната програма е предвидено и тампонирање на улици во населбата „Свети Стефан“ и „Шипокно“, како и тампонирање на пат во селото Рамне. Исто така планирано е да се постави тампон на патот Ливоишта-Требеништа како и на дел од патот во селото Свињишта. Во делот на планот за тампонирање ќе бидат опфатени и улици во Болничкиот Комплекс како и пристапните приоди кон станбените згради во потегот кај Пожарната.
Инаку Програмата за уредување на градежно земјиште била изработена врз основа на направените анализи за можната реализација на урбанистичките планови, писмените забелешки на граѓаните, редовните контакти на Градоначалникот со одборите на месните заедници и согледувањата на стручните служби.
OhridNews