Некогаш полигон за мали спортови каде се одржуваа спортски натпревари и турнири кои привлекуваа екипи од сите краеви на Македонија, но и цела поранешна Југославија, како и концерти на кои настапуваа еминентни музички имиња со албуми со милионски тиражи, денес е едно од најголемите ругла и извор на проблеми за околните жители, но и за градот воопшто.

Овој, инаку приватен имот, години наназад, а особено во лето, е претворен во собиралиште на млади, во голем дел малолетни лица кои седат тука до доцна во ноќта, дружејќи се со алкохол и  оставајќи зад себе купишта ѓубре. Од неодамна тука се организираат и концерти, за кои, локалната самоуправа, не издала соодветна дозвола

Градскиот полигон е приватен имот којшто е сопственик на АД „Гранит“. Општината нема издадено никакво одобрение за организирање на концерти или било какви настани тука и ги повикувам надлежните институции, УЈП и Пазарната инспекција, да постапат и да ја проверат документацијата за организирање на таквите настани. – вели градоначалникот Константин Георгиески.

Проблеми конатстирала и полицијата, која во текот на изминатите два дена при обезбедување на музички концерт на просторот на поранешниот градски полигон за мали спортови во Охрид, констатирала дека организаторот на концертот, овозможил присуство на малолетни лица по 24 часот.

Поради тоа СВР Охрид, против одговорното и против правното лице, ќе поднесе соодветна пријава. – соопшти портпаролот на СВР Охрид Стефан Димовски.

Во продолжениот празничен викенд во Охрид се одржуваат голем број најразлични настани, но на колку од нив се почитуваат пропишаните мерки и прописи, како и здравствените протоколи за заштита од Ковид 19, е прашање.

Г.М.