Повеќе европски челници ги упатија последните предупредувања за Британците да не излегуваат од Европската унија, ден пред референдумот за членството во ЕУ кој е неизвесен, колку што е и пресуден и за иднината на Велика Британија и за остатокот од 28-члениот блок, пренесува „Макфакс“.
Две онлајн анкети направени вчера даваа блага предност на приврзаниците на излегувањето од ЕУ и покажаа дека сé уште има голем број нерешителни избирачи, додека можноста за излегување на Обединетото Кралство од Европската унија го загрижува Брисел, како и деловните кругови и речиси сите челници на важните земји во светот.
Според агенцијата за истражување на јавното мнение Opinium, во чија анкета учествувале 3.011 лица, 45 отсто од испитаниците се определиле за излегување, додека 44 отсто за останување во ЕУ, но поборниците на останувањето се надеваат на 9-те проценти кои уште не донеле одлука, додека 2 отсто одговориле дека нема да се изјаснат. Во анкетата на TNS, спроведена врз 2.320 испитаници, 43 отсто се за излегување, 41 отсто за останување и 16 проценти се без одлука.
Неколку часови пред отворањето на гласачките места, 46,5 милиони британски гласачи се наоѓаат пред историски важната одлука, пред 41 година откако исто така на плебисцит гласаа за останување во тогашната западноевропска заедница.
„Кога еднаш ќе скокнете од авионот, повеќе не можете да се вратите“, предупреди британскиот премиер Дејвид Камерон .
„Во прашање е иднината на Европската унија“, истакна францускиот претседател Франсоа Оланд предупредувајќи дека одлуката ќе биде „неотповиклива“.
Доколку се случи британското излегување, Европската унија, којашто загрижено го следи порастот на евроскептицизмот, ќе ја загуби една од најмоќните членки, петтата според обемот светска економија и постојана членка на Советот за безбедност на Обединетите нации.
И претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер, предупреди дека излегувањето би претставувало „чин на самоосакатување“. „Надвор е надвор. Не би имало никакво ново преговарање со Лондон“, истакна Јункер.
Главните меѓународни институции со седмици наназад предупредуваат на сериозни економски последици, а британската централна банка дури ја спомена можноста за рецесија во земјата. Извршната директорка на ММФ, Кристин Лагард, изјави во средата дека одлуката за британското излегување би влијаела и на американската економија.
Во средата речиси 1.300 челници на компании, меѓу кои половината котираат на лондонската берза, повикаа на останување во заедницата со 28 држави.
Слични повици упатија и познатите личности од светот на спортот, филмот и музиката, како Дејвид Бекам, Даниел Крејг и бендот U2, кои посакаа да победи таборот „Remain“, приврзаниците на останувањето во ЕУ.
За разлика од нив, републиканскиот кандидат за претседател на САД, Доналд Трамп, се изјасни за излегувањето на Британија од ЕУ, признавајќи дека во контекстот на неговата насоченост на Америка, сепак, „не размислувал премногу за тоа прашање“.
Кралицата Елизабета Втора, којашто должноста ја обврзува на воздражаност, не сакала да коментира, и покрај навалувањата на евроскептичните весници предводени од Daily Telegraph и таблоидите Sun и Daily Mail.
Шкотската национална партија (SNP) која владее во Единбург, повтори дека излегувањето „нужно“ ќе предизвика втор референдум за независноста на Шкотска. Северна Ирска, пак, стравува од повторното појавување на фантомот од минатото, доколку би морала да ја одреди границата со јужниот сосед.
Приврзаниците на излегувањето ја поставија имиграцијата во центарот на својата кампања. Повикуваат да се „преземе контролата“ над границата за да се запре приливот на мигрантите од ЕУ и предупредуваат на евентуалното влегување на Турција во ЕУ.
Кампањата го покажа и генерацискиот јаз, имајќи предвид дека младите Британци главно се изјаснуваат за ЕУ, додека повозрасните се понаклонети на излегувањето. Лондон, и другите голема градови, Шкотска и Северна Ирска се за останување, а внатрешноста на Англија за излегување.
Дејвид Камерон во 2013 година вети дека ќе го организира овој референдум, за да ги отстрани постојаните поделби во својата Конзервативна партија во врска со ЕУ.
Велика Британија, членка на ЕУ од 1973 година, којашто не е во Шенген зоната и не го воведе еврото, веќе има посебен статус во Унијата. Може да биде веќе во четвртокот вечерта првата земја којашто ја напуштила ЕУ.
OhridNews
извор: „Макфакс“