Сѐ уште нема вести околу судбината на ‘лендерот’ Schiaparelli што требаше во среда попладне да се спушти на површината на Марс, но контактот е изгубен во последниот момент пред предвиденото време, објави Европската вселенска агенција(ЕСА), пренесува „Макфакс“.

Што се однесува до три тони тешката сонда „Trace Gas Orbiter” (TGO), работите поминале во најдобар ред, тврди ЕСА. Вселенското летало се наоѓа во очекуваната орбита и нормално функционира.

За Schiaparelli, модулот што требаше да слета на Марс, работите не стојат најдобро. Сигналот што од ‘лендерот’ пристигаше цело време додека се движеше низ атмосферата на Марс, изгубен е пред да слета на неговата површина. Тоа е потврдено со радиотелескопско следење од Земјата, а потврдата стигна и од вселенското летало Mars Express, која го следеше спуштањето од орбита.

„Имаме мисија околу Марс“, соопшти ЕСА, додавајќи дека судбината на ‘лендерот’ би можела да се дознае во четврток.

‘Лендерот’ Schiaparelli, тежок 577 килограми, требаше да слета на Марс по ризичното шестминутно спуштање на површината на планетата, при што беше користен падобран и потисници со цел да се намали брзината од речиси 21.000 километар на час.

„Мораме малку да причекаме да видиме што се случи со експерименталниот ‘лендер’. Но, за оваа мисија веќе сега може да се каже дека е успешна“, рече Јан Ворнер, прв човек на ЕСА во Центарот за вселенски операции на ЕСА во Дармштад во Германија.

Руската ракета-носач од типот Протон со сондата за испитување на траги од гас на марс и модулот за спуштање Schiaparelli успешно беа лансирани пред седум месеци од космодромот Бајконур во Казахстан. Европа и Русија тогаш ја започна новата авантура на Марс, во обид на Црвената планета да спуштат ‘лендер’ и со посебна сонда да ги анализираат гасовите во атмосферата на ова планета, во потрага по некаков облик на живот.

Мисијата ExoMars ја сочинуваат сондата “Trace Gas Orbiter” (TGO) и модулот за „влез, спуштање и атерирање“(EDM), кој имењто го добил по Џовани Счиапарели, италијански астроном од 19 век.

По седуммесечно патување и поминати 496 милиони километри, контролорите на мисијата го одвоија EDM од сондата во недела во 16 часот и 40 минути по средноевропско време.

Единствена цел на Schiaparelli, кој заради ограничениот капацитет на батериите би требало само неколку дена да го истражува тлото и околината на Марс, е да го трасира патот за спуштање на нов ровер кој ќе го истражува Марс во потрага за вонземен живот. ExoMars роверот би требало да биде лансиран во 2020 година.

Ова е вторпат Европа да трга во освојување на Марс. Во 2003 година европската сонда Mars Express го спушти мини-лендерот Beagle2, британски дизајн, но тој никогаш не прати сигнал. Од 2015 година е познато дека Beagle 2 навистина се спуштил на Марс, но бил оштетен.

Доколку на Марс постои живот, не е веројатно дека ќе биде пронајден на површината бомбардирана од ултравиолетови и вселенски зраци. Но, трагите на метан во ретката атмосфера на Марс можат да бидат показател дека нешто се ‘готви’ длабоко под површината, појаснуваат научниците. Бидејќи метанот не може долго да ги преживее ултравиолетовите зраци, научниците веруваат дека нешто мора да го испушта.

„Нешто мора да го произведува метанот“, тврдат научниците додавајќи дека еден од можните извори се вулканите. Вториот извор на метанот е живот: едноклеточните микроби метаногени, кои на Земјата живеат на места без кислород, како во стомаците на животните, каде што јаглерод диоксидот го претвораат во метан.

Научниците се надеваат дека ExoMars роверот, опремен за дупчење два метра под површината, би можел да понуди некои индиции за потеклото на метанот на Марс.

OhridNews