Демократската партија на социјалистите (ДПС) на црногорскиот премиер Мило Ѓукановиќ, поединечно е победник на парламентарните избори кои се одржаа во неделата во Црна Гора, но самостојно нема да може да формира влада, додека опозициските партии тврдат дека вкупно освоиле 41 од 81 мандат во парламентот и оти доколку се договорат ќе ја преземат власта, покажуваат податоците од различни извори, пренесува „Макфакс“.
Засега Државната изборна комисија на Црна Гора не излезе со официјални резултати, па партиите ги лиферуваат податоците од своите изборни штабови, како и набљудувачките мисии.
„Резултатите потврдуваат дека победила опозицијата“, изјави за новинарите во Подгорица членот на опозицискиот Демократски фронт (ДФ) Емилио Лабудовиќ
Според неговите податоци, четирите опозициски партии, кои одеа на изборите самостојно односно Демократскиот фронт (ДФ), Коалицијата Клуч, Социјалдемократската партија и Демократите на Црна Гора, освоиле 41 од 81 мандат во парламентот, што им овозможува заедно да ја формираат новата влада. Демократската партија на социјалистите, според Лабудовиќ освоила со коалициските партнери 38 пратеници.
Според податоците на Центарот за демократска транзиција (ЦДТ), врз основа на обработените 84 отсто од избирачкиот материја, ДПС освоила 40,7 отсто од гласовите или 35 мандати, со што останува поединечни најсилната партија.
Меѓутоа, податоците на ЦДТ, покажуваат и дека трите опозициските листи имаат исто толку мандати. Имено, според Центарот, ДФ освоила 21 отсто од гласовите или 18 мандати, Големата коалиција „Клуч“ освоила 10,5 отсто или 9 пратеници, и Демократите – 8 мандати. Социјалдемократската партија (СДП) освоила 4 а Социјалдемократите (СД) – 2 мандата
Според ЦДТ, Бошњачката партија добила 3, а по еден пратеник освоиле Хрватската граѓанска иницијатива (ХГИ) и двете албански партии.
„Им предлагам на сите лидер и претставници на опозициските политички субјекти, кои јавно се обврзаа дека нема да соработуваат со ДПС, веднаш по парламентарните избор да се седнат на заедничка маса, за да ги споделат сите информации за злоупотребите кои го следеа избирачкиот процес, да ја направат неопходната анализа и одговорно да му пристапат на актуелниот политички момент“, изјави челникот на Демократите, Александар Бечиќ.
Според лидерот на коалицијата „Клуч“, Миодраг Лекиќ, четирите опозициски листи освоиле повеќе пратенички мандати отколку владејачката партија, „што сведочи за поразот на ДПС“.
Владејачката партија, која стана сојузник на Западот и доби покана за членство во НАТО, ги обвинува опозициските партии дека се „просрпски“ и оти се финансирани од руските магнати кои вложуваат во Црна Гора, поради нивното барање ратификацијата на прашањето за влез во Алијансата да се решава на референдумот, а не со гласање во парламентот, како што инсистира ДПС на Ѓукановиќ. Покрај тоа, опозицискиот блок бара проверка на сите високо рангирани функционери во власта за нивна евентуално вмешаност во корупција.
Инаку претходно беше соопштено дека Специјалното обвинителство на Црна Гора покренало 104 постапки по информации за нарушување на изборните прописи во текот на изборниот ден. Според обвинителството, поголемиот дел од нарушувањата се однесуваат на делата „нарушување на правата на слободно изразување на волјата“, „нарушување на избирачкото право“ и „нарушување на тајноста на гласањето“. Пријавите за нарушувањето на изборниот процес дошле од сите краеви на земјата.
Државната изборна комисија (ДИК) претходно објави дека им издало полномоштва за набљудување на изборниот процес на Центарот за мониторинг и истражувања (ЦЕМИ) и на Центарот за демократија и транзиција (ЦДТ), како и на Мрежата за зајакнување на невладиниот сектор (MANS). Вкупно беа акредитирани 2.600 набљудувачи, кои беа распоредени на вкупно 1.206 избирачки места. Од MANS соопштија дека поднеле 75 барања за поведување кривична постапка пред Специјалното обвинителство поради нарушување на изборните закони.
OhridaNews
Извор: „Макфакс“