Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) денеска во Скопје одржува годишното редовно неизборно собрание, од кое ќе биде упатено солидарно барање за престанок на неказнивоста на нападите и заканите кон новинарите и медиумските работници во земјата.
Во Декларацијата што треба да ја усвои Собранието на ЗНМ, се наведува дека и покрај подобрената соработка помеѓу ЗНМ и Министерството за внатрешни работи, новинарите сè уште се соочуваат со чести напади и закани – а неказнивоста продолжува да ја влошува ситуацијата. На глобално ниво, во последните години трендот на напади врз новинарите секојдневно расте. За жал, девет од 10 случаи остануваат неказнети.. Постојано има новинари кои завршуваат и во затвор, и секојдневно новинарите се напаѓани, тепани, приведувани, малтретирани и добиваат закани по својот и по животот на своите најблиски.
Зголемен е растот на малтретирање и закани преку Интернет, особено насочен кон жените новинари. На овој начин жените се загрозени да бидат професионални во своето известување, се истакнува во Декларацијата.
Затоа, членовите на ЗНМ бараат: Институциите, политичките партии како и деловните субјекти да ја почитуваат слободата на изразување на новинарите и медиумските слободи, согласно уставните, правните и меѓународните правни норми и стандарди. Законите што ја регулираат медиумската сфера треба да бидат во согласност со потребите на новинарите, медиумите и граѓаните, а не со центрите на моќ.
Апелираме до Министерството за Правда дека потребни се и интервенции во Кривичниот законик преку кои ќе се даде дополнително овластување на Јавното обвинителство по службена должност да постапува во одредени ситуации кога е повредено правото на новинарот за време на службена задача, како и предвидување на повисоки казни за престапниците. На овој начин, би се решиле дел од предизвиците и би се поштедиле новинарите од скапи судски постапки кои не секогаш се во можност самостојно да ги иницираат. – стои во Декларацијата.
Членовите на Собранието на ЗНМ бараат Основното Јавно Обвинителство да има одговорност и отчетност во својата работа за случаите за нападните на новинари, да ги изведат сторителите на кривични дела против новинарите и медиумските работници пред правдата и за жртвите на ваквите криминални дејствија да се обезбеди соодветен третман доколку е потребно.
Извршната власт потребно е дополнително да се вложи во креирање на безбедна средина за новинарите да можат слободно и независно да ја вршат својата работа без да биде извршен било каков притисок за тоа што известуваат. – се наведува во Декларацијата на Здружение на новинарите на Македонија (ЗНМ).
OhridNews