Водата од водоводите во селата: Вапила, Сирула, Ливоишта, Куратица, Завој, Опеница и Косел не е исправна и не смее да се употребува за пиење и готвење. Анализите извршени од надлежните институции покажале дека во водоводите во овие села нема хлор, а додека во Куратица утврдено било и присуство на бактерии. Поради тоа Државниот инспекторат за храна донел решение за забрана за употреба на водата од водоводите во овие села .
Како што дознаваме, на месните заедници од овие села издадена им е наредба да го известат месното население за одлуката и наложено им е да назначат овластени лица кои ќе бидат обучени да вршат контрола на додаденото количество хлор во водоводите и секојдневно да водат записник за тоа.
Проблемот како што велат од месните заедници се должи на нерегулираниот правен статус кој го имаат, поради што не можат да извршат организација на работата на селските водоводи. Ова им било предочено на надлежните институции и одговорните во општина Охрид на состанокот што неодамна се одржал во просториите на локалната самоуправа.
Надлежните институции со години наназад предупредуваат на проблемите со водата за пиење во селските средини кои не се приклучени или немаат услови да бидат приклучени на градската водоводна мрежа. Случаи на неисправна вода за пиење во минатото се регистрирани и во други населени места во охридско и другите општини.
OhridNews
Водовод Охрид: Хлор во Вапила и Ливоишта немаше поради санација на водоводите