Резултатите од тестовите за коронавирус Ковид 19 од премиерот на Техничката влада Оливер Спасовски, министерот за здравство Венко Филипче и градоначалникот на Општина Куманови Максим Димитриевски се негативни.

Резултатот од тестот што го добив вечерва е негативен и покажува дека не сум носител на коронавирусот. Согласно препораките на епидемиолозите, останувам и натаму во изолација во домашни услови. Се придржувам до препораките и советите на лекарите, најдисциплинирано. – напиша вечерва на Твитер прениерот Спасовски.

Министерството за здравство, исто така вечерва, информира дека резултатот од тестирањето за КОВИД-19 на министерот за здравство доц. д-р Венко Филипче е негативен. Според проценката на епидемиолозите, министерот Филипче не беше во ризик, но сепак тој одлучи да остане во самоизолација, соопшти министертвото.

Негативниот резултат го добивам на осмиот ден од самоизолацијата во која останувам до истекот на инкубациониот период од 14 дена. Сите мои активности и управувањето со кризата со коронавирусот во земјата и во изминатата недела се одвиваат непречено. Редовно одржувам он-лајн состаноци со Комисијата за заразни болести, моите колеги, институциите, медиумите и владата и така ќе биде и во наредната недела. Им благодарам на сите граѓани на поддршката и во оваа прилика уште еднаш потсетувам дека личната одговорност е предуслов за колективното здравје. Почитувањето на мерките досега покажа резултати. Ако останеме доследни на ова и се прилагодиме кон промените, многу побрзо ќе ја надминеме оваа состојба. – потенцираше министерот Филипче.

На социјалните мрежи вечерва се огласи и градоначалникот на Куманово Максим Димитриевски, кој исто така е во самоизолација. Изразувајќи благодарност за поддршката до граѓаните, тој истакна дека негативни се тестовите на целото негово семејство.

Сакам да ве информирам и вас и јавноста дека вчера заедно со сопругата почитувајќи ги сите безбедносни протоколи и процедури направивме тестирање на Ковид 19 на сопствена сметка во неколку релевантни лаборатории во државата, воедно претходно и тестирање од страна на ЦЈЗ Куманово на сите членови од моето семејство. Сите тестови се негативни. – напиша Димитриевски.

Градоначалникот Димитриевски испратил барање со Центарот за јавно здравје Куманово да ги разгледа резултатите од тестирањата, по потреба да го повтори тестирањето и најитно да достави барање за укинување на решенијата за самоизолација за него и членовите на неговото семејство и на сите контакти посочени во епидемиолошката анкета, со цел тој што поскоро да им се врати на работните обврски.

Минатата недела на иницијава на Општинскиот кризен штаб на состоанокот во Куманово, каде има најмногу заразени со Ковид 19 по глава на жител во земјата, присуствуваа премиерот Спасовски, министерот за здравство Филипче, вицепремиерот Османи, како и други владини претставници и членови на Националниот кризен штаб и Комисијата за заразни болести. Следниот ден беше соопштено дека градоначалникот на Куманово и неколкумина негови соработници од Општинскиот кризен штаб се позитивни на тестот за коронавирус.

OhridNews