Охрид од денеска до 23 јуни, ќе биде домаќин на  неформалниот состанок на Работната група на Воениот Комитет на НАТО за соработка со Партнерите, што заеднички го организираат Меѓународниот воен штаб на НАТО и Министерството за одбрана на Република Македонија.
 
Работната група на Воениот Комитет на НАТО за соработка со Партнерите одржува традицинално секоја година ваков состанок во една од земјите членки на „Партнерството за Мир“. На состанокот учествуваат по еден претставник од земјите на НАТО и „Партнерството за Мир“, претставници на меѓународниот воен штаб, Командата за трансформација и операции и претставници на Координативната ќелија на Партнерството. Од Република Македонија покрај претставници од Министерството за одбрана и Армијата, свое учество ќе земат одбранбените аташеа акредитирани во РМ, НАТО советодавниот тим и Центарот за управување со кризи.

Со одржувањето на состанокот уште еднаш ќе се потврди подготвеноста и кредибилноста на Република Македонија. Воедно работниот состанок претставува исклучителна можност за презентација на достигнувањата на Република Македонија во сите области на соработка со НАТО, велат од Министерството за одбрана на Република Македонија од каде информираат дека се  обезбедени сите услови за успешно одржување на состанкот.

ohridnews