Нов термин, нов судија и нов неуспешен обид зда започне судскиот процес против браќата Нефи и Ибраим Усеини, за физички напад на охриѓанецот Спирко Топалоски, што се случи во август годинава.

Одбраната на обвинетиот бизнисмен и актуелен советник Нефи Усеини, го информираше судот дека поради операција во Турција, тој не бил во можност да присуствува на денешното рочиште, за што достави копија од авионски билет.

Освен првообвинетиот, во судот и денеска не се појави оштетениот Спирко Топалоски. Неговата одбрана информираше дека тој во терминот на судење имал оперативен зафат на забите и не можел да зборува.

Во судот денеска се појави само обвинетиот Ибраим Усеини.

Судијката Билјана Белеска, која го презеде предметот од колегата Милчо Клишески, бидејќи тој е ангажиран на друг случај, констатираше дека не се исполнети условите да почне судскиот процес и истиот го одложи за 27 ноември. Воедно закажан е уште еден термин на 3 декември, со цел да се забрза процесот.

Белеска ја задолжи одбраната на Усеини во рок од 8 дена по завршување на лекувањето во странство да достави во оригинал медицинска документација, во спротивно ќе издаде наредба за стражарно приведување. Исто така судот најави дека и Топалоски ќе биде стражарно приведен доколку не се појави на следното рочиште.

OhridNews