Ненајавено српско-руската фирма за мебел „Нефа мебел“, која има продажно место и во Охрид, ги затвори сите продавници во Србија и Македонија, поради што стотици граѓани во двете земји останаа без своите нарачко, но и без пари.

Покрај во Охрид „Нефа мебел“ во земјава има претставништва уште во Скопје, Велес, Гостивар, Прилеп, Битола, Тетово… Сите се под клуч, а купувачите со извршени нарачки во шок бидејќи не можеле да добијат информации како и дали ќе ги добијат нарачките. Симнати се сите активни реклами на брендот, како и официјалните веб страни и Фејсбук страни во Србија и Македонија.

По веста во Србија голем број деловни партнери, но и оштетени граѓани отишле во магацините на компанијата да земат дел од залихите, а не бил поштеден ниту инвентарот. Во дел од магацините мебелот го заплениле сопствениците на деловниот простор, бидејќи не им била платена киријата.

Српските медиуми пренесуваат дека оштетените граѓани тешко ќе си ги добијат нарачките бидејќи руската компанија „Спилит“ која го произведува мебелот за „Нефа мебел“ исто така ненајавено го напуштила Врање оставајќи големи долгови и 300 работници без работа.

Рокот на испорака на мебелот беше 40 дена, а компанијата која преку ноќ исчезна од пазарот во Србија и Македонија на купувачите им нудеше разни поволности за плаќање на нарачките.

OhridNews