Во изминативе седум години, за жал, нашето културно наследство е тотално загрозено, воопшто немало никаква грижа, не се одвојувале никакви финансиски средства и оставено е на забот на времето. Недоволната грижа може да остави трајни последици на дел од културно-историските споменици и археолошките локалитети, истакна министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, кој денеска заедно со директорите на Управата за заштита на културното наследство и на НУ Завод и Музеј Охрид, стручните лица од институцијата, пратениците во Собранието и претседателот на Советот на Општина Охрид, беше во обиколка на некои од репрезентативните локалитети во Охрид.
Констатиравме дека токму овде на Плаошник мора што е можно побрзо градежните работи да продолжат од причина што објектите веќе почнуваат да се оштетуваат од разните временски непогоди и од тоталната негрижа. Поради досегашната скромна финансиска поддршка неопходно е да се обезбедат средства за изработка на проектна конзерваторски-реставраторски работи и партерно уредување на целиот археолошки локалитет. Со тоа ќе се обезбеди континуитет во активностите и целосно согледување на археолошкиот локалитет, посочи Љутков.
Потенцираше дека во исклучително лоша состојба е и куќата на Момирови, со нарушена статичка стабилност и претставува опасност за минувачите.
Во НУ Завод и Музеј Охрид веќе е изработен основен проект за конзерваторско-реставраторски работи, ревитализација и адаптација на куќата во музејскиот простор каде би биле презентирани музејските предмети откриени при археолошките истражувања на Античкиот театар. Меѓутоа поради одредени проблеми проектот не може да се реализира и затоа јас денес заедно со в.д. директорот Пaтчев остваривме работен состанок во Општина Охрид со градоначалникот Пецаков, а целта на состанокот беше да го забрзаме процесот и да ги откочиме проектите овде во Охрид. Тоа е носењето на 19 Детални урбанистички планови. За целосно откочување на проектите во Охрид надлежни се и други министерства и институции и јас во најкус период ќе иницирам одржување на заеднички состанок помеѓу сите субјекти надлежни за разрешување на реалниот проблем и изнаоѓање на соодветно решение, со што, голем број проекти ќе започнат да се реализираат, истакна министерот.
Вршителот на должноста директор на Заводот за заштита на спомениците на културата и музеј од Охрид, Горан Патчев, изрази задоволство што во духот на интегрирана заштита сите субјекти најавиле напори за покренување конкретни активности за заштита на богатото културно наследство.
Изготвена е годишна програма за аплицирање проекти финансирани преку Министерството за култура и како што рече министерот со заеднички напори и нивна помош истата ќе ја реализираме. Исто така, направивме измена на Програмата за јавни набавки, преку итни мерки донесени се некои набавки потребни за санација на локалитетите Плаошник, Заливот на коските и некои други објекти низ градов што се под наша надлежност, рече Патчев.
Тој рече дека поголем дел од средствата ќе бидат насочени кон Заливот на коските, како објект што остварува најмногу приходи, како и Плаошник.
Новоназначената директорка на Управата за заштита на културното наследство, Весела Честоева, од своја страна рече дека Управата како инвеститор од Владата, веќе доставила ребаланс на буџетот за обезбедување средства со кои би се завршиле дел од активностите предвидени со Договорот за проектот Плаошник склучен во 2011 година. Посочи на застојот од 2017 до 2024 година.
Некаде околу 30 милиони денари се побарани од Управата со ребалансот за заокружување на активностите предвидени со тој договор. Морам да истакнам дека овие години навистина смешни биле средствата кои биле издвојувани за истражувања на археолошкиот локалитет Плаошник, бидејќи со 100-120 илјади денари ништо не може да се направи.
Н.С.Ј.
фото. А. Момироска