Недостига реализација на капитални проекти реагираат од опозицијата на денешната одржана седница на Совет на која беше изгласана реализацијата на буџетот за 2023 година. Од локалната власт велат нивната реализација постојано се кочи и покрај тоа што забелешките се прифаќаат и отстрануваат, постојано има нови.
За да можеме да направиме една конкретна целосна анализа во однос на успехот во реализацијата на буџетот треба да поседуваме релевантни показатели, рече координаторката на пратеничката група на СДСМ, Живка Ангелоска.
Во случајот со буџетот за 2023 година не поседуваме релевантни показатели за да можеме да зборуваме колку општината била успешна во однос на реализацијата на буџетот, зошто од една страна буџетот претрпе голем број измени во текот на годината и ја изгуби структурата која ја имаше на денот на усвојување. Во сите измени кои се правеа се тргнаа речиси сите поголеми капитални проекти. Во најголем дел од програмите, односно во повеќе од 90% од програмите се содржани средства кои се запленети од сметката на општината врз основа на реализација на извршни решенија. Постојат програми каде е наведено колку од средствата се запленети, но има и такви каде не е транспарентно наведено. Во програмите од комуналната област дури и самите изготвувачи навеле дека имаат проблем во однос на реализацијата на поголемите капитални проекти заради заплената на средствата не можат да реализираат јавни набавки и оние економски оператори кои ги избираат неможат да ги извршат своите задачи поради недостиг на човечки ресурси, вели Ангелоска.
Еден глобален впечаток е, додава, дека и овој буџет на Општина Охрид е буџет во кој што најголема реализација имаат субвенциите, имаат донациите, трансферите спрема одредени категории на граѓани, а тоа што недостига претставуваат капиталните проекти.
До ден денес општината нема реализирано ниту еден поголем капитален проект кој го имаше ветено пред граѓаните. Преовладуваат асфалтирање на мали, тесни улици, субвенционирања. Во основно образование оваа година се потрошени средства за одржување, но не и големи средства за поголемо осовременување на условите за работа. Сведоци сме колку бавно одат работите, тротоарот на „Димитар Влахов“, уредување на дворот на Гимназијата… Најголемиот издаток кој го има годинава Општината се субвенциите за ЈП кои во 2023 година се рекорден 41 милион денари, потенцира.
Пракса на оваа локалната власт, додава Ангелоска, е секогаш по завршување на годината, проектите кои биле предвидени за 2023 година да се поместат за 2024 година, во развојните програми.
Секретарот на Општина Охрид, Александар Китески, вели од опозицијата последниве две години немаат слушнато ништо друго освен критика.
Се што е позитивно направено од страна на локалната самоуправа за нив не е доволно. И нормално е да не е доволно како опозиција. Но, има работи кои некогаш треба да се признаат, без разлика дали нив тоа им е драго или не. Неможат да неприфатат тоа што се случи минатиот месец, а тоа е одблокирање на сметката на Општина Охрид после неколку децении. Нив сеуште не им е јасно или не им се верува дека сметката на Општина Охрид е одблокирана. Не можат да негираат дека остварувањето на буџетот на Општина Охрид во 2023 година, на вкупниот буџет изнесува 116% или на основниот буџетот 138% и тоа секако се должи на зголемување на приходите на Општина Охрид, односно остварувањето на приходите во 2023 година во споредба со 2022 година е зголемено за 59%. Или ако ги тргнеме оние средства кои сме ги добиле по основ на аплицирање на проекти од централната власт, 95 милиони денари, во тој случај имаме зголемување на оставрувањето на приходите во споредба со 2022 година за 44%. Тоа може да се види од салдото на сметката на Општина Охрид, каде од минатата година се префрлени 192 милиони денари на конто за следната 2024 година, потенцира Китески.
Додаде дека во следниот период со веќе одблокираната сметка ќе може да се реалзираат проекти кои градоначалникот ги ветил пред охриѓани во предизборната програма.
Во однос на капиталните проекти, тие секогаш напаѓаат дека тоа што било ветено како капитален проект не сме успеале да го исполниме. Во неколку наврати имам потенцирано кои се причините заради тоа. Двата проекти плоштадот „Крушевска Република“ и катната гаража две години наназад и покрај изработен проект и поднесеното брање, со оглед дека тука беа и Министерството за транспорт и врски, и Комисијата за УНЕСКО и Министерството за култура, и покрај сите заблешки кои ги отстрануваме, повторно имаше нови. И покрај тоа што помина проектот за катната гаража на Комисија на УНЕСКО после две години, министерската за култура изјави дека таа не била објект од јавен интерес за Охрид. Тие продолжуваат со таквите кочници, но, тоа ќе е до 8 мај и потоа нема да можат, и конечно Охрид и охриѓани ќе добијат тоа што треба, тоа што го имаме ветено. Истото важи и за „Крушевска Република“, многу забелешки, повторно и повторно нови. Ако некој проект треба да се корегира и ако не е во согласност со некоја уредба и закон тоа да се каже, да се поправат работите и тоа да е конечено, а не постојано да се наоѓаат нови забелешки, додаде Китески.
Потенцираше дека во тек е реализацијата на проектите за реконструкција на улиците „7-ми Номеври“ и „Гоце Делчев“, треба да отпочне со градба спортската сала во село Лескоец, а закажана е и аукција за втората постапка за реконструкција на касарната за изградба на ОУ „Кочо Рацин“.
Н.С.Ј.