Недостиг на стратегија, недонесувањето на урбанистичките планови, работната сила, финансикото работење, сивата економија, недоволната искористеност на средствата за капитални инвестиции беа посочени како дел од проблемите со кои се соочува туристичкиот сектор во Охридско-струшкиот регион и во држава воопшто. Проблемите беа изнесени на средба во Охрид на дополнителниот заменик-министер за финансии во техничката Влада од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Елена Петрова, градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков, претседателот на советот на Општина Охрид, Сашо Донев со претставници од ХОТАМ, Здружение на хотелиери и угостители од Охрид, како и претставници од туристичките агенции во Охрид.

Претседателот на ХОТАМ, Крсте Блажевски потенцираше дека недостига стратегија, но и генерален и детален урбанистички план во согласнот со законите на УНЕСКО со што ќе се надминат горливите проблеми со кои туристичките работници се соочуваат.

Една власт урива, друга дозволува градење и а туристичките работници се збунети, не знаат што да прават, рече Блажевски.

Тој се осврна и на одливот на работна сила, што, како што вели, не е само во Македонија, туку општо го засега цел Балкан.

Недостаток на работна сила има во повеќе сектори не само во туризмот, а туризмот станува од година во година се покритичен. Но, можеме да кажеме дека оваа година не сме со истиот страв кој го имавме минатата, со тоа што имаме некаков прилив на работна сила од надвор. Носењето на работна сила однадвор не е минус за државата туку е плус. Со тоа ќе опслужиме повеќе гости, а со тоа ќе имаме поголем прилив на девизи и поголеми даноци влегуваат во касата на државата. Мора да дадеме добри услуги и што подобри услови за да останат тие вработени што отишле надвор или би се вратиле назад да отворат некој нивни бизнис. Одливот на работната сила надвор не секогаш е негативен, некогаш се стекнува едно знаење таму, па се враќа назад со сопствени понуди во секторот туризам, вели Блажевски.

Јаким Маленко од ТА Вис Пој ги истакна проблемите со кои се соочуваат туристичките агенции со финансиското работење во кеш, истакнувајќи ја потребата од фомирање на Министерство за туризам како решение за проблемите во секторот.

Разговаравме за теми во врска со проблематика за која се соочуваме во врска со тековното работење, со одредени проблеми кои произлегуваат од новиот правилник за финансиско работење со наплата на готовина, со ограничување до 2000 евра, со подигнување на материјалните трошоци максимум до 1000 евра месечно. Тие се работи кои на туристичките агенции им ја отежнуваат работата. Во оваа насока во иднина би требало да се размисли да се добие некое посебно олесување за туристичките агенции бидејќи функционирањето така би било подобро. Се разговараше и на поле на сивата економија, дека многу често се соочуваме со проблеми на нелојална конкуренција, од сместувачки капацитети, непријавување на гости, непријавување на туристичка такса, избегнување на користење туристички агенции при доаѓање на гости во Македонија. Сублимирано би рекол дека дојдовме до еден општ заклучок дека најдоброто решение би било во иднина доколку има можност да се размисли за Министерство за туризам со чие формирање сметаме дека ќе има многу подобро функционирање во секторот туризам и дека сите работи ќе биде многу полесно да се средат, додава Маленко.

Дополнителниот заменик-министер за финансии во техничката Влада од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Елена Петрова, вели недостига статегија за искористување на потенцијалот на туризмот, со иницијативи и цели за развој на туристичката дејност. Посочи на непостоењето на соодветната транспортна мрежа како еден од проблемите со кој се соочува секторот. Го потенцираше и издвојувањето на средствата од буџетот за капитални расходи и ефектите од големото енормно задолжување наменето за капитални инвестиции.

Буџетскиот дефицит во последните години од 2020 година секоја година изнесува околу половина милијарда евра. Во однос на задолжувањата направени кон надворешните меѓународни институции кои обезбедиле кредитни линии и грантови за капитални инвестиции можеме да констатираме дека средствата не само што не се потрошени за намените за кои биле обезбедени, што се гледа од тоа што повеќе од половина од започнати проекти се реализираат со забавена динамика или се во целосен застој, создале и дополнителни штети на буџетот и на сите граѓани. Во последните седум години од буџетот се платени повеќе од 25 милиони евра за плаќање на казнени пенали за неповлечени средства од сите овие кредити и заеми доделени за капитални инвестиции. Средствата што се доделуваат како неповратни од ИПА фондовите исто така во многу случи се неискористени и ЕУ ги има повлечено назад. Така ЕУ има повлечено над 50 милиони евра средства само од две министерства, Министерство за транспорт и врски и Министерство за животна средина, додава Петрова.

Најави дека доколку ВМРО ДПМНЕ состави влада посветено ќе работи на надминување на проблемите во туризмот на кои укажуваат туристичките работници и одговорно ќе менаџира со јавните пари.

Н.С.Ј./Г.М.