Во периодот од 6-ти до 12-ти октомври 2014 во Културно-информативниот центар „Култура 365“ ќе биде одбележана „Неделата на книгата“.
Секој што ќе го посети овој културен центар во периодот од 9 до 19 часот, ќе ја добие на подарок книгата „Патеки на животот“ од охридскиот писател Наум Трајчески.
Се работи за збирка раскази во кои се вткаени приказни од секојдневието, низ кои се претставени различни емотивни состојби.
„Читателот живее илјада животи. Човекот кој никогаш не читал живее само еден. Со читањето книги откриваме нови хоризонти, се откриваме и самите себе. Зад успехот на секој голем човек стои некоја добра книга.“ – велат од КИЦ „Култура 365“.
Инаку, Наум Трајчески е роден во с. Издеглавје, охридско, во 1952 година. Од 1977 година живее во Австралија. Својата прва книга, стихозбирката „Дебарца по туѓина“, ја издава во 1992 година, а во 2012 година и втората со наслов „Секојдневие“. Третата книга „Грст мудрости“ ја има издадено во 2013 година.
OhridNews