Придобивките од читањето се многубројни. Читајќи, се опуштаме, стекнуваме нови знаења, ја подобруваме нашата моќ за изразување, го намалуваме стресот, ја стимулираме работата на мозокот. Во таа насока се акциите на „Култура 365“ од Охрид за дарување книги коишто се организираат уште од основањето на овој културно-информативен центар во 2011 година

По втор пат за оваа година, со почеток на 15-ти јануари, „Култура 365“ ќе ја спроведе традиционалната манифестација „Недела на книгата“ при што посетителите овој пат ќе имаат можност да ја добијат како подарок книгата „Македонци, А. ден Долард и други Холанѓани“ од охридскиот автор Мишо Јузмески. Оваа книга е своевидно продолжение на книгата „Нашиот холандски пријател А. ден Долард“ од 2012 година, која во меѓувреме беше објавена на англиски и холандски јазик.

Во „Македонци, А. Ден Долард и други Холанѓани“ Јузмески повторно се осврнува кон ликот и делото на холандскиот писател и новинар А. ден Долард, најголемиот промотор на Македонија во Холандија во подолг временски период, заслужен за веќе традиционалното холандско-македонско пријателство кое најчесто се остварува преку холандските туристи кои ја посетуваат Македонија уште од средината на минатиот век.

Во поговорот кон книгата „Македонци, А. ден Долард и други Холанѓани“, Холанѓанецот Херард Пулвејк пишува:

„Скитникот, новинарот и писателот А. ден Долард своето срце му го имаше подарено на Балканот, пред сѐ на Македонија и посебно на Охрид. Како скитник им се насладуваше на земјата, луѓето, планините, фолклорот. Како новинар беше фасциниран од сложените политички состојби кои македонскиот народ со векови го држеа под власт на околните сили и во своите написи за регионот јасно и остро ја избра страната на експлоатираниот и поробен Македонец. Како писател ги романтизираше односите помеѓу поробувачите и поробените („Ориент Експрес“) и го прикажа развојот на една љубовна приказна во градот Охрид („Свадбата на седумте Цигани“). Мишо Јузмески настапува како фотограф, писател и како туристички амбасадор веќе подолго време, промовирајќи ја својата земја во туѓина, и некаде во деведесеттите години наиде на тој странски писател кој во своето срце ја носеше неговата земја. Благодарение на залагањата на Јузмески, во македонските срца израсна посебен однос со Холандија и Холанѓаните. За таа врска и благодарноста на Македонија кон тој посебен холандски писател станува збор во оваа книга, којашто, се надеваме, ќе си го најде патот до секој оној кој има интерес за оваа земја со нејзината вековна историја и секако уште повеќе до Холанѓаните кои веројатно (повторно) се запознаваат со еден прочуен холандски писател/новинар и голем граѓанин на светот.“

Книгата „Македонци, А. ден Долард и други Холанѓани“ беше објавена и на холандски јазик, во превод и редакција на Пулвејк.

Сите заинтересирани љубители на пишаниот збор, примерок од книгата можат да подигнат во просториите на КИЦ „Култура 365“ на улица „Цар Самоил“ број 34 во Охрид, од 15-ти до 21-ви јануари 2018 година, секој ден од 10 до 15 часот.

OhridNews