Срцево-садовите заболувања се водечка причина за смртност во светот. Според Светстката здравствена организација 17,5 милиони луЃе починале од срцево-садови заболувања во 2005 година, 7,6 милиони од нив се поради срцеви удари, а 5,7 милиони се должат на мозочните удари. Доколку не се превземат соодветни мерки до 2015 година, 20 милиони луѓе ќе умираат од срцево-садови заболувања секоја година (главно од срцеви и мозочни удари).

Според добиените статистички податоци за Македонија срцево-садовите заболувања,  се водечка причина за смрт и кај нас (не само во секоја општина пооделно, туку и на ниво на државата). Здебеленост, неправилна исхрана, пушење и физичка неактивност се водечки причини за болестите на срцето и мозочните удари кои можат да се забележат во се помлада возраст. Таквите нездрави навики и животен стил се се почести меѓу децата и адолесцентите. Токму тоа е период кога со навремени и соодветни постапки може да се насочи развојот на детето во зрела личност, одговорна за своето здравје, здравите животни стилови и со фактори на ризик сведени на најмала можна мерка.

Со цел подигање на нивото на свеста кај населението, особено кај младата популација за опасностите од срцево-садовите заболувања и мозочните удари, како и за значењето на здравиот начин на живеење за здраво срце, Црвен крст Охрид ја  одбележува “Неделата на срцево-садови заболувања” од 21-28 фебруари под мотото “ЗАПОЗНАЈ ГО РИЗИКОТ! ВАШИОТ НАЧИН НА ЖИВОТ Е ВАШАТА НАЈДОБРА ОДБРАНА ОД СРЦЕВО-САДОВИТЕ ЗАБОЛУВАЊА!”.

Во текот на Неделата во основните и средните училишта Ќе бидат организирани едукативни предавања, ќе биде делен едукативен материјал и спроведен анкетен прашалник за ризиците од појава на болестите на срцето и крвните садови. Централниот настан на кампањата ќе се одвива на 01.03.2008 (сабота) под мотото „ТИ СИ МОЕ СРЦЕ“ кога е предвидено во соработка со Сојузот за училишен спорт Охрид и Младинскиот совет Охрид, а со учество на голем број наши сограќани да се одржи промоција на физичка активност-прошетка пеш, со велосипеди и слично, на патеката покрај езерото од Градското пристаниште до плажата Горица 3. Стартот е предвидено да биде во 10:00 ч. од паркот кај споменикот на Св.Кирил и Методиј. Во насока на промоција на здраво живеење за здраво срце на целта на паркингот кај плажата Горица 3., предвидено е да се реализиаат различни активности (квиз, аеробик, бадминтон, анкета, здравствени прегледи, совети од стручни лица и др.).

ohridnews