Секоја петта ѕвезда слична на Сонцето во Млечниот пат има планета што слична на нашата Земја којашто е на соодветна оддалеченост и којашто овозможува на својата површина да има вода како клучна состојка за постоење живот каков што го знаеме, покажаа најновите истражувања направени во САД, пренесува „Макфакс“.

Анализата направена со обработката на податоците коишто три години ги собираше телескопот „Кеплер” на американската агенција за вселенски истражувања NASA, покажува дека во галаксијата Млечниот пат има околу 10 милијарди планети кои потенцијално може да бидат населени. Нивната бројка експоненцијално се зголемува доколку се пресметаат планетите коишто кружат околу изладените црвени џуџести ѕвезди, најчестите ѕвезди во галаксијата.

„Планетите, како што изгледа, попрво се правило отколку исклучок”, вели раководителот на истражувањето, Ерик Петигура, инаку студент по астрономија на калифорнискиот универзитет Беркли.

Тој изработил сопствена компјутерска програма за да ги анализира податоците коишто ги собрал американскиот телескоп и открил десет планети коишто се со димензии слични на Земјата, а најмногу двојно поголеми. Тие планети кружат околу матичните ѕвезди на оддалеченост којашто е погодна за присуство на вода во течна агрегатна состојба на нивната површина.

Телескопот „Кеплер” ги собирал овие податоци така што откривал „дупки” во светлина на оддалечените ѕвезди во соѕвездијата Лебед. Некои „дупки” во светлината се последица на сенката којашто ја формира планетата којашто кружи околу ѕвездата во моментот додека минува пред матичната ѕвезда, односно меѓу ѕвездата и телескопот.

Петигура и неговите колеги проучувајќи ги податоците добиен од „Кеплер” собирани во текот на 34 месеци, откриле дека 22 отсто од 50 милијарди ѕвезди слични на Сонцето во галаксијата Млечен пат имаат планети со големина слична на Земјата коишто се на таква оддалеченост од матичните ѕвезди што може да имаат вода.

Во посебно проучување на податоците од „Кеплер”, американските научници од институтот SETI во Калифорнија откриле дека од 3.538 вселенски тела идентификувани како можни планети, 647 планети со големина слична на Земјата, како и дека од тие над три ипол илјади кандидати за планети 104 се на добра оддалеченост од нивните матични ѕвезди за постоење на вода на површината.

„Кога започна потрага за егзопланети секој би очекувал дела соларните системи би наликувале на нашиот. Но го откриваме сосема спротивното, дека постои низа различни системи. Што и да можете да замислите, тоа во Вселената веројатно постои “, вели раководителот на истражувањето на институтотSETI, Џејсон Роув.

OhridNews
извор:„Макфакс“