Како дел од акцијата „Децентрализација на дело“ што ја спроведува Локалната самоуправа, во тек е реновирање на неколку училишта во Охрид меѓу кои и Основното музичко „Методи Патче“.

Во тек е средување на подот и тоалетите што беа во катастрофална состојба. Ова училиште со децении мака мачи со инфраструктурата, инвентарот, инструментите… Затоа оваа акција добро ќе дојде за подобрување условите за работа на професорите и учениците.

Сепак, при посетата (околу пладне) видовме дека работниците веќе си заминале, а и квалитетот на работата што досега го извршиле не е на некое завидно ниво. Вработените во училиштето, посебно домаќинот Раде, вели дека ако се продолжи со ваков начин на работа нема да има можност реконструкцијата да биде завршена до почетокот на школската година.

„Работниците работат по наколку часа дневно, а потоа си одат. Веројатно имаат друга работа, на друго место“ вели Раде. „Добро е што ќе се среди подот, но дограмата нема да ја чепнат, а не е менувана којзнае од кога и е во многу лоша состојба, како што гледате.“


Прозорците на ОМУ „Методи Патче“ во бедна состојба


Дали ќе завршат со работа до 1. септември?

Зградата на ОМУ „Методи Патче“ е изградена пред 70-тина години и порано беше позната како „Дуборезачка“. Ако работите на неа не завршат навреме, не е познато како ќе се регулира наставата.

С. Костоски