Отсекот за превенција при СВР Охрид на подрачјето на Охрид ја реализираше едукативно-превентивната кампања – „Не пиј кога возиш“.

Целта на кампањата е насочена кон подигнување на степенот на безбедносна култура и на свеста кај граѓаните за зголемена внимателност и будност кај сите учесници во сообраќајот, а пред се кај возачите на моторни и други возила што треба да придонесе за повисока безбедност во сообраќајот, велат од МВР.

Притоа, полициските службеници од Отсекот за превенција, во соработка со полициската станица за безбедност во сообраќајот на патиштата Охрид и со Републичкиот совет за безбедност на сообраќај на патиштата, на повеќе пунктови во градот и во приградските населби, на возачите на моторни возила и другите учесници во сообраќајот, низ непосредна комуникација им укажуваа на доследно придржување кон правилата и прописите во сообраќајот, почитување на поставената сообраќајна хоризонтална и вертикална сигнализација, исклучиво придржување кон дозволената брзина на движење со моторни возила и некористење мобилни телефони во текот на возењето. Посебно беше посочено дека, управување моторно возило под дејство на алкохол нема да биде толерирано и дека законските санкции, во такви случаи, ќе бидат доследно и неселективно применувани, посочуваат.

На возачите на моторни возила, додаваат од МВР, им беа поделени летоци и друг едукативен материјал со низа практични совети кои водат кон јакнење на личната, но и на безбедноста на другите учесници во сообраќајот.

OhridNews