Управата на еден тајвански затвор одбила да прими осуденик стар 96 години, со објаснување дека немаат средства да се грижат за толку стар човек. Сун Хсинг-мин. пензиониран административен службеник на тајванската железница бил осуден на три месеци затвор бидејќи нелегално живеел во просторија која припаѓала на неговата поранешна фирма, со што станал најстариот осуденик на Тајван.


Тој можел и да помине со парична казна, но одлучил да служи затвор во знак на протест поради неправдата, која според него му била нанесена. Меѓутоа управата на затворот во Тајпеј, каде што требало да биде затворен го вратила осуденикот со објаснување дека немаат ниту пари ниту други средства да се грижат за толку стар човек. Сега тој казната ќе ја служи во затворската болница.