Охридската јавност деновиве ја вознемири веста за уште една трагедија во водите на Охридското Езеро. Едно лице загина, а три други се повредени, од кои едно потешко, во судир на два глисери што се случи саботата навечер на околу 300 метри од брегот.

Последната несреќа уште еднаш го отвори прашањето за безбедноста на водниот сообраќај на Охридското Езеро, каде бројот на пловни објекти во последните неколку години осетно е зголемен. Се проценува дека нив во моментов ги има над 2500 (регистрирани), од што околу 200 се брзи глисери, а голем е  бројот на скутери. Неодамна токму скутерите беа на тапет, откако по два инциденти кои завршија со полесни повреди на учесниците, на предлог на охридската Капетанија, Владата донесе времена забрана за пловидба на скутерите во периодот од 11 до 18 часот. Таа беше симната на 20 август. Два дена подоцна се случи фаталната несреќа помеѓу два глисери.

Но, дали забраната за пловидба на скутерите имаше некакво влијание врз подобрување на безбедноста на Охридското Езеро, или тоа беше само уште една рефлексна реакција во немоќ да се воведе ред во езерските води. Ќе се забрани ли сега пловидбата на глисери? Пред два дена имаше судир на автомобил и камион кај Ново село, ќе се забранат ли автомобилите? Веројатно е непотребно да се одговари на ваквите ступидни прашања, но секако треба многу поодговорно да им се пристапи на проблемите. Несреќи се случувале и ќе се случуваат. Дали последната во водите на Охридското Езеро можела да биде избегната одговорот ќе го даде истрагата. Но, очигледно е дека безбедноста на Охридското Езеро не се постигнува само со репресивни и рестриктивни мерки. Многу позначајно е какви знаења и практични искуства имаат тие кои ги управуваат пловните објекти. Дали пловните објекти се соодветно обележани и осветлени за ноќна пловидба? Дали ги исполнуваат сите безбедносни стандарди? Ги почитуваат ли правилата и прописите? Дали Капетанијата и полицијата вршат контрола на учесниците во водниот сообраќај? Им се врши ли алко тест на управувачите со пловни објекти? …

Веројатно има уште многу дали, како, што, но неколку заслужуваат подлабока анализа. Постои ли стручна експертиза колку пловни објекти можат да безбедно да пловат на Охридското Езеро и дали во иста зона можат да се движат лимени кајчиња со бавни пенти, робусните бродови и брзите глисери, скутери и други чамци? Уште колку пловни објекти може да прими езерото кое нема ниту марина, ниту бензинска пумпа, па така горивото се точи рачно, малку во чамец, малку во вода, а пловните објекти се чуваат во импровизирани паркиралишта изградени на јавна површина или на суво по целата должина на Охридското Езеро.

Повеќе од очигледно е дека е потребно да се воспостави ред во Охридското Езеро, да се заострат критериумите за пловидба и за добивање дозвола за управување со чамец и пред се да се зголеми безбедноста. Туризам не се само јахти, брзи глисери и скутери, туку и безбедно езеро, уреден воден сообраќај и сообраќајна култура. Не треба да се забрануваат глисерите, скутерите и другите пловни објекти, туку треба да се создадат услови тие безбедно да пловат по Охридското Езеро, учесниците да ги почитуваат законите и правилата, а надлежните да ги спроведуваат. Последниот инцидент во водите на Охридското Езеро го отвора и прашањето на одговорност за хаосот во водниот сообраќај и сериозно опоменува дека нешто треба итно да се преземе за да се надмине таквата состојба.

Горан Момироски