Последиците од климатските промени се чувствуваат се посилно и мора повеќе да се работи не само глобално, туку и локално за справување со најголемиот предизвик на човештвото во ова време. Под закана е и Охридското Езеро, на што предупредува и УНЕСКО.

Предизвиците се во однос на зачувување на светското природно и културно наследство заштитено од УНЕСКО, лошото урбанистичко планирање, преголемата урбанизација и дивоградбите на крајбрежјето. Не се работи за тоа дали Охрид ќе остане на листата на Унеско или не, туку да се заштити вашето најголемо природно богатство и биодиверзитетот. – вели Жолд Ленгиел – експерт климатски промени и заштита на животна средина.

Не е прашање дали не афектираат климатските промени, туку како да се прилагодиме, велат експертите. Предупредуваат дека Охридското Езеро има праг на издржливост, кој не смее да се премине.

Со оглед на тоа што дека Охридското Езеро е под голема закана од инфраструктурни проекти, но и климатските промени, и дека тоа е под закана од еутрофикација подолго време, сметаме дека треба да се алармира и во однос на тоа. – истакна Невена Смилевска – Раководител на проектот „Да зборуваме за климатски промени“.

Голем дел од пловните објекти на Охридското Езеро користат нееколошки мотори со внатрешно согорување, а увозот на стари пловила од странство и натаму е атрактивен. Состојбата ќе се промени со измени во законот кои на сила ќе стапат наскоро, најавуваат надлежните.

По година на производство и по еколошки стандради на самите мотори ќе има одредена селекција и тоа е нешто што ќе доведе до рестрикција на самиот број на пловни објекти. – вели Горан Устијаноски –  Раководител на Капетанија на пристаништа Охрид.

Пред две години беше промовиран проектот „Смарт Охрид“ кој предвидуваше замена на конвенционалните пловни објекти со електрични. Иницијативата на екологистите засега останува во фиока.

Проектот „Смарт Охрид“ предвидуваше замена на целата водна флота, на сите кајчиња и бродови кои функционираат на фосилни горива кои дополнително го загадуваат езеро, со соларни пловни објекти кои можат да бидат и атракција за туристите кои можат бесшумно да се движат по езерото без да прават штета. – цели Ана Чоловиќ Лешоска – од невладината „Еко свест“.

Во насока на зголемување на јавната свест неодамна инициран е проектот „Да зборуваме за климатски промени“, кој треба да придонесе прашањето за климатските промени да се подигне на повисоко ниво и да поттикне промени во заштитата на животната средина, која и натаму е на маргините.

Г.М.