Три дрва се украдени, а уште четири се скршени, кои неодамна беа засадени покрај патеката за Горица, како дел од проектот за компензација на зеленилото од булеварот „Македонски Просветилети“. Информацијата ја потврди локалната самоуправа, која го осуди вандалскиот чин.

Општина Охрид најостро го осудува чинот на крадење и кршење млади дрва на просторот од Скејт Паркот до хотелот „Инекс“ – Горица. Вандалскиот чин го констатираа надлежните служби на локалната власт кои деновиве беа на увид при што беше констатирано дека од 123 –те засадени стебла од видот врба и даб на овој потег , три дабови дрвца се украдени, а четири скршени. – стои во соопштението.

 

Младите стебла беа засадени во месец декември минатата година и беа предвидени со проектот на Светска Банка за реконструкција на улицата „Македонски Просветители“. Согласно проектот за едно пресечено дрво требаше да се засадат три нови. Од вкупно 219-те стебла, 96 се засадија на реконструираната улица, а останатите 123 на потегот од Скејт паркот до „Инекс“- Горица.

OhridNews