Белгиска ТВ шега ги запали страстите. Белгиската јавна телевизија вчера објавила вест дека Фламанците (еден од конститутивните народи во Белгија кои зборуваат холандски, заедно со Валонците кои зборуваат француски – н.з.), прогласиле независност. Се работело за шега, нормално, но многу Белгијци го сфатиле крајно сериозно. Јавноста регирала жестоко на тоа како државниот канал кој емитува на француски, можел да се пошегува со таква „осетлива“ материја. РТБФ телевизиската станица го аргументира потегот со намера за поттикнување сериозна дебата, неколку месеци пред изборите во земјата со големи поделби и недоразбирања помеѓу „француските“ Валонци и „холандските“ Фламанци. ТВ прилогот бил толку убедлив што телефоните и веб адресите низ земјата буквално биле пребукирани од граѓаните во потрага по објаснување. Лажната вест поминала толку „мазно„ бидејќи постои голема поддршка кај северниот, фламански дел за отцепување од франкофонскиот југ. Портпаролот на владата ја оценил „веста“ како „неодговорна“ и со „лош вкус“. Но, ако целта била отворање сериозна дебата, тогаш таа е остварена.
П.С. За да ви е појасна ситуацијата, замислете дека некоја од нашите национални ТВ станици да објави вест дека Албанците во западниот дел на Македонија се „отцепиле“. Мислам дека и кај нас голем дел гледачи би поверувале.
С.Костоски