Во рамки на кампањата „Мрдни со прст“, денеска, здружението на уметници Културен центар Медиа Артес, организира 2 јавни настани. Во 12:00 часот, на потегот од Чинарот до плоштадот Св. Климент Охридски, ќе се одржи улична театарска акција, а од 20:00 часот, на малата сцена на НУЦК Григор Прличев-Охрид ќе се одржи перформанс.

Двата настани се финален продукт на иницијативата “Не биди мечка-разбуди се од зимскиот сон”, во рамки на која 2 групи средношколци од Охрид зедоа активно учество во уметнички работилници под водство на поетесата Елена Пренџова и актерите Јасмина Билаловиќ и Павел Маслов. 

Работилниците и јавните настани во рамки на иницијативата се обидуваат да ги активираат младите надвор од училишните клупи и да ги поттикнат во културни и општествени иницијативи, истовремено нудејќи им културни и социјални настани кои вообичаено недостасуваат во животот на младите.

Иницијативата е дел од кампањата „Мрдни со прст“ која има за цел подигнување на јавната свест за различните можности за општествени промени кои се во доменот на секој поединец, како и да се понудат идеи и можности за придонес кон специфични активности во рамките на заедницата во кои граѓаните можат да се вклучат поединечно, но и колективно.

OhridNews