Гувернерот на Народната банка на Република Македонија-НБРМ, Петар Гошев, издаде согласност на купување мнозински пакет акции во Охридска банка АД, на Сосиете Женерал СА – една од најголемите банки во Европа.
Со тоа се овозможува да започне реализацијата на договорената купопродажба на акциите на Охридска банка АД Охрид од страна на една од најголемите банки во Европа.
Како што дознаваме во наредниве неколку дена Охридска банка ќе одржи вонредно Собрание на акционерите на кое ќе биде формиран “врзан“ пакет на акции од над 51% кој ќе биде понуден на продажба на берзата. Во меѓувреме Сосите веќе депонирала депозит во НБРМ И Комисијата за хартии од вредност, со што купопродажбата на Охридска банка е се поизвесна. Од Охридска очекуваат сите формалности околу продажбата што се договара интензивно неколку месеци да завршат во наредните 30 дена.
Влезот на Сосиете Женерал СА во Република Македонија значи потврда на напорите за создавање на амбиент во банкарскиот сектор прифатлив за бизнисот и на најголемите светски банкарски брендови. Станува збор за третата по големина банка во Еврозоната според нето приходот во корпоративното и инвестиционото банкарство и шеста компанија во Франција според нејзината пазарна капитализација. Банката има 120.000 вработени и присуство во 80 земји во светот. Основана е во 1964 година, а нејзините основни активности се во делот на корпоративното и инвестициското банкарство, банкарството на мало и управувањето со инвестиции.
Од НБРМ известуваат дека ова ќе биде нов позитивен чекор за охрабрување на странските банкарски брендови за влез на македонскиот банкарски пазар со цел зајакнување на конкуренцијата во банкарскиот сектор во Република Македонија што ќе овозможи поголема понуда на поевтини банкарски производи и услуги за граѓаните.