Центарот на Минесота, Карл – Ентони Таунс победи на Ол-стар вечерта во Кливленд во натпреварувањето во тројки, додека кошаркарот на Њујорк, Оби Топин, беше најдобар во помалку привлечното и полно со грешки натпреварување во забивање.

Таунс во финалната серија победи со 29 поени, три повеќе од конкурентите Лук Кенард од ЛА Клиперс и Тре Јанг од Атланта, и воедно стана првиот центар во историјата на Ол-стар натпреварувањата, кој победил во турнирот во шутирање тројки.

Во натпреварот во забивање, Топин во финалната серија освои 47 поени и беше поуспешен од Хуан Тоскано – Андерсон од Голден стејт, кој не го реализираше своето второ забивање ниту од четвртиот обид, како и од Џален Грин од Хјустон, кој имаше десет неуспешни обиди.

Натпреварот на сите ѕвезди во кошаркарската НБА лига ќе кулминира со дуелот во кој на едната страна ќе биде „Тимот Леброн Џејмс“, а на другата „Тимот Кевин Дуран“ со почеток во 02:00 часот по средноевропско време.

OhridNews