Бранителот на трофејот во НБА лигата, Голден Стејт поведе со 2-0 во серијата со Хјустон победувајќи 115-109, додека Милвоки изедначи на 1-1 со триумфот над Бостон 123-102 пред своите гледачи во полуфиналните пресметки од плејофот.

„Воините“ подобро се снајдоа во тешкиот натпревар со „ракетите“ и втор пат на домашен терен се израдуваа на победата. Предноста од девет поени обезбедена во првата четвртина, домашните кошаркари ја задржаа до крај за триумф и максимално искористување на домашниот терен.

На спротивната страна, на истокот, Милвоки во вториот меч од серијата ја забележа првата победа и изедначи 1-1. Милвоки до триумфот стигна во третата четвртина во која постигна неверојатни 39 кошеви, а прими само 18. Разликата на семафорот беше преголема за Бостон да направи нешто повеќе во последниот квартал.

Во следните два натпревари од овие серии домаќините ќе бидат Хјустон односно Бостон.

Резултати: Милвоки – Бостон 123-102 (1-1), Голден Стејт – Хјустон 115-109 (2-0)

OhridNews