Како што пишува денешен “Дневник“ НБА-играчот Дариус Вашингтон и најдобриот играч на Арис, Џеремаја Мејси, наскоро ќе добијат македонски пасоши. Од Кошаркарската федерација на Македонија потврдуваат оти Владата веќе ги одобрила барањата за двајца американски кошаркари. КФМ е во потера и по едно ниско крило. Со новите Македонци ќе биде потпишан договор дека во секое време ќе му бидат на располагање на националниот тим.
Едниот од двајцата натурализирани Македонци, бекот на Вашингтон, е член на Сан Антонио спарс. Во НБА-сезонава е дебитант, а во Спарс дојде од чешкиот Нимбурк. Вашингтон во минатата сезона со Нимбурк освои титула во Чешка и беше МВП на тамошниот ол-стар. Сезонава тој му е резерва на Тони Паркер, а влезе во игра на сите 14 меча. Има просек од 8 минути со 3 поени по меч. Го носи дресот на „мамузите“ со бројот 35. Висок е 188 см, тежок 83 кг.
Игра на истата позиција со Врбица Стефанов и Владо Илиевски, па тешко оти наскоро ќе го облече црвено-жолтиот дрес.
Мејси (25 год., 202 см) е попознат на македонската јавност. Тој е крилен центар на Арис, и пред три кола беше МВП на колото во Евролигата. Сезонава во Евролигата има фантастичен просек од 18 поени и 8 скока по меч. Игра на истата позиција како и Рајан Стак и Мајкл Вилкинсон и ќе биде опција плус.
Бугарите сакале да му дадат пасош на Вашингтон, а Македонија ја доби борбата со Чешка и Словачка за услугите на Мејси. За овој потег, консултирани се селекторот Јовица Арсиќ и Стручниот совет, кои одобриле. Лидер е на Арис во поени, скокови и блокади.
Извор “Дневник“