Кошаркарите на Денвер се пласираа во големото финале од разигрувањето за титулата во НБА лигата, откако синоќа во четвртиот натпревар од финалната серија во Западната конференција триумфираа на гостински терен против Лос Анџелес лејкерс со 113-111.

Победничкиот кош за Денвер го постигна српскиот кошаркар Никола Јокиќ на 51.7 секунди пред крајот на натпреварот, а Лејкерси во следните два напади не успеаја да реализираат преку Леброн Џејмс.

 

Јокиќ го заврши натпреварот со трипл-дабл ефект (30 поени, 14 скокови, 13 асистенции), што беше негов осми во плејофот, соборувајќи го рекордот на Вилт Чембрлен од 1967 година.

За Денвер ова беше шести последователен плејоф триумф оваа сезона, а финалната серија на Западот ја комплетираа со максимални 4-0 во победи.

Денвер прв пат во клупската историја ќе игра во големото финале во кое за противник ќе го има поуспешниот од финалната серија на Истокот меѓу Мајами и Бостон.

Мајами води со 3-0 во серијата до четири победи.

Финалната серија ќе стартува ноќта меѓу 1 и 2 јуни.

OhridNews