Земјите од Г7 се согласија дека треба да усвојат регулативи за вештачка интелигенција што се „засновани на ризик“. Сепак, регулативите за кои станува збор мора да „одржуваат отворена и благопријатна средина“ за развој на технологијата и мора да се засноваат на демократски вредности, се вели во заедничката изјава на министрите на Г7 одговорни за дигитални технологии, што беше објавена на крајот од нивната дводневна средба во Јапонија.

Учесниците на форумот потврдија дека „политичките алатки за постигнување заедничка визија и веродостојни форми на вештачка интелигенција може да се разликуваат меѓу земјите-членки на Г7.“ Сепак, договорот означува пресвртница во пристапот на главните земји кон управувањето со вештачката интелигенција поради загриженоста за приватноста и безбедносните ризици .

„Заклучоците од овој состанок на Г-7 покажуваат дека дефинитивно не сме сами во овој поглед“, рече извршната потпретседателка на Европската комисија, Маргрете Вестегер, која е одговорна за политиката на конкуренција.

Во ЕУ постигнаа прелиминарен договор за новиот нацрт на нивниот претстоен Закон за вештачка интелигенција, што вклучува мерки за заштита на авторските права.

Вестагер пред состанокот на Г7 рече дека ЕУ „ќе постигне политички договор оваа година“.

Јапонија е ротирачки претседавач со Г7 и „Токио се надева дека ќе ги натера земјите од Г7 „да постигнат договор за флексибилно и адаптивно управување“, рече министерот за индустриска конкурентност Јасутоши Нишимура.

Состанокот на министрите одговорни за дигитални технологии се одржа во градот Такасаки, што се наоѓа на околу 100 километри северозападно од Токио. На почетокот на овој месец имаше средби на министрите за енергетика и надворешни работи на земјите од Г7.

Јапонија ќе биде домаќин на самитот на Г7 во Хирошима на крајот на мај, каде премиерот Фумио Кишида со светските лидери ќе разговара за правилата за вештачка интелигенција.

OhridNews