„Sigep“ е најважниот професионален настан во светот посветен на занаетчискиот сладолед и десертите. Се одржува секоја година во месец јануари во Римини, Италија. Единствен саем во светски рамки на кој е претставен целиот синџир, „step by step“ до џелато, од неговата подготовка, нови трендови и начини на производство, па се до концептите на продажба и продавници, како и настани, натпревари, технологии и презентација на состојки кои сладоледот и десертите ги претвораат во моменти на уникатно уживање.

Дел од овој светски настан беше и нашата сограѓанка Александра Ноческа која ја донесе магијата на италијанскиот сладолед во охридската чаршија, во сега веќе препознатливата џелатерија „Ночолино“ – омиленото место за љубителите на најдобриот леден десерт.

„Sigep“ е вистинско шоу, за време на кое може да присуствувате на настани кои не треба да се пропуштат доколку се занимавате со оваа дејност. Може да закажете состанок, да го вмрежите бизнисот со врвни купувачи од сите континенти, но и да уживате во светски натпревари, како што е тој за најдобра џелатерија во светот и Светското женско првенство во колачи, истакнува амбициозната охриѓанка која во Римини ги следеше новите трендови во индустријата за производство на оригинален италијански сладолед и десерти.

Што е ново и што од тоа ќе можат да вкусат охриѓани и туристите претстаојната сезона во џелатеријата „Ночолино“, ќе дознаеме наскоро, најавува таа.

„SIGEP“ всушност е настан на кој се соопштуваат најновите вести, иновации и трендови во оваа индустрија, какви и кои суровини и состојки се користат, машини, опрема, но исто така и изгледот, пакувањето и, се разбира, начинот на услуга. На петдневниот настан се планира и трасира иднината на секторот во годината која штотуку започна, појаснува Ноческа.

Џелатото и десертите достигнуваат едно ново ниво… Веќе не станува збор дали е вкус

но, мора да е, туку дали е и привлечно. Нова димензија на поглед, нов правец. Квалитет и дизајн на исто ниво. Нови вкусови за 2024, нови машини за производство на сладолед со инвертер систем дизајнирани да привлекуваат и со изглед, витрини, фрижидери, ваги, нови смеси за сладолед и природни прехранбени бои, веган вкусови, засладување со стевија, детски и класични програми, „pop up“ опрема, но и средби со производители, најдобрите изработувачи на џелато и креативна презентација на инвентивни решенија на се што може да се замисли и не може да се замисли. Прекрасно, незаборавно искуство, вели Ноческа.

Според неа секој што работи во овој сектор, доколку сака да напредува и да биде во тек со светските трендови, неизбежно е да биде дел од ова шоу.

Инспирирани и поискусни почнуваме да ја планираме сезоната, очекувајте многу новитети, нови вкусови и, секако, врвен квалитет! Се гледаме во март во „NOCCIOLINO“ – порачува Александра.

Г.М.