Најмладите ја започнаа новогодишната забава на охридскиот плоштад. Голем број охриѓани и гости го проследија настапот на хорот при КУД „Гердан“ на градскиот плоштад, а на програмата се и новогодишната театарска претстава „Дружината на Дедо Мраз“ и мјузиклот „Трите прасиња“.

Зголемена раздвиженоста се бележи и денес на денот на дочекот на Новата година во чаршијата, низ кафулињата, на градскиот кеј, но и на сообраќајниците. Најбројни се домашните и гостите од соседните земји.

Покрај дочекот во кафулињата, рестораните и хотелите, организиран пречек на Новата Година ќе има и на градскиот плоштад со почеток во 20 часот. Ќе настапат Петар Нечески, Татјана Стефаноска, Ѓоко Танески, Ефто Пупиноски, Миле Кузманоски и Диџеите Багзи и Јана Slayy.

Новогодишната програма ќе продолжи утре точно напладне со настап на Марија Савеска и групата „Камелеон“, како и изведба на проектот „И повторно Евергрин“, со Лидија Кочоска, Влатко Груевски и Андреа Наунов.

Н.С.Ј.