Најмладите денес на градскиот плоштад ја проследија претставата „Дедо Мраз е на пат“ што беше изведена во рамки програмата „Охридската новогодишна приказна“.
Низ креативна игра, интересни згоди и незгоди, актерите Пируника Киселички и Давид Илиќ им пренесоа на дечињата поучна новогодишна порака.
Покрај театарската претстава денес со почеток во 18:00 часот добрата забава на градскиот плоштад продолжува со бендот HUMANE, кој е формиран на иницијатива на Клубот на млади при Црвен крст Охрид. Овој бенд е резултат на трудот и посветеноста на талентираните волонтери: Иво Георгиески, Теона Талевска, Мартин Мацкоски и Исидора Митреска.
Во 19:00 часот во Хотелот „Инекс Олгица“ ќе се одржи Новогодишен концерт на учениците од ОМУ „Методи Патчев“- Вечер на Валцер и танго. Со почеток во 20:00 часот во НУЦК „Григор Прличев“ ќе се одржи Танцовиот фестивал „Охрид танцуваТ“.
Осумдневната програма која започна на 24 и ќе трае до 31 декември организирана од страна на Општина Охрид опфаќа 20 забавни настани меѓу кои детски претстави, новогодишни базари, музички настани. Дел од настаните е предвидено да се одржуваат напладне, а дел во вечерните часови.
Н.С.Ј.
фото. Б. Стојаноски