Воспоставување долгорочна соработка меѓу Специјализираната болница за нефрологија и хемодијализа Струга и Уролошкото одделение во Клиниката Карл вон Баседов од Мерсебург, Германија, била целта на посетата на делегација од германската болница предводена од директорот Александар Шуте.
Како што информираат од болницата соработката подразбира размена на искуства во лекувањето на нефролошките и уролошките заболувања и донација на медицински апарати, хируршки инструменти за уролошкото одделение, единицата за интензивна нега и апарати за хемодијализен третман на најтешките случаи со акутна бубрежна инсуфициенција.
Директорот на германската болница, Шуте, вети дека постои можност лекари од нашата болница да престојуваат на обука и едукација во Германија. Од друга страна, директорот др. Јетмир Зиба, меѓу другото, посебен акцент стави на следниот проект што се реализира во Нефролошката болница, а тоа е целосно реновирање на објектот за хемодијализа лоциран покрај езерото, кој ќе понуди идеални услови за привлекување на странски пациенти. Намерата е Нефролошката болница да се стави на европската мапа за здравствен туризам преку таканаречената „Холидеј дијализа“, што значи дека пациенти од Германија и другите земји во текот на летната сезона да се лекуваат и истовремено да одмараат во Струга, посочуваат од Болницата.
Потенцираат дека посетата била продуктивна и во екот на бројните проекти кои се реализираат во Струшката болница и кои имаат за цел да ги подобрат условите за лекување на пациентите.
Делегацијата од германската болница оставрија посета на нефролошкото и уролошкото одделение, запознавајќи се со работата и здравствените услуги кои ги нуди болницата.
OhridNews