Вицешампионот од Купот на Македонија, Металург е претпоследниот ривал на охридските ракометари на домашен терен сезонава. Мечот со Охрид в сабота во 18 часот во „Билјанини Извори“ ќе биде прв за Лино Червар со двојна улога во македонскиот ракомет.

Хрватскиот стручњак на клупата од Металург неодамна имаше промоција на селекторската позиција во македонската репрезентација која ќе ја работи во следниве четири години. – Червар е меѓу најдобрите ракометни тренери во светот и неговиот избор за македонски селектор е вистински. Сигурно, не само за мене и за мојата екипа тој ќе биде мотив за сите ракометарите ширум Македонија. – рече левото крило, Крсте Андоновски.


Охрид и Металург по четврти пат сезонава ќе ги одмерат силите, а до скопските ракометари имаат три победи.

– Знаеме се за Металург и исто така знаеме што значи за нашиот македонски ракомет. Металург е фаворит против нас и тука нема дилеми, но и ние си имаме свои задачи на дуелот со нив. Играме добро сезонава пред нашата публика, му парираме на секој противник, а се надевам дека така ќе биде и сега. – додаде Андоновски.


Поволен резултат за „гладијаторите“ на мечот со Металург ќе биде „бинго“ пред одлучувачките мечеви со Макс Струмица, Прилеп и Работнички.

– Секој бод со Металург ќе ни значи многу, но нашата главна задача е во следните три мечеви кои не очекуваат. Сепак, не смееме да се предадеме пред време и бодовите лесно да му ги препуштиме на Металург. Кога играме на домашен терен имаме голема обврска пред навивачите и публиката да одиграме добар и пред се борбен натпревар. – потенцираше голманот Благојче Трајкоски.

Натпреварот се игра в сабота во 18 часот, а цената билетот ќе изнесува 50 денари.

Мх.П.