Во 7 часот почна гласањето на вториот круг од претседателските избори и парламентарните избори. Навремено се отворени сите избирачки места во Охрид и Дебрца, а гласањето се одвива тековно.

Во Охрид отворени се сите избирачки места навремено, но на едно избиричко место гласањето е започнато со мало задоцнување поради технички проблем. Се гласа исто на 87 избирачки места како и на првиот круг од претседателските избори. Во Избирачкиот список запишани се 51.717 избирачи за претседателските, додека за парламентарните 51.865. Разликата е во тие 148 лица кои во меѓувреме станале полнолетни. Вчера правото на глас за претседателските и парламентарните избори од 239 запишани болни и изнемоштени лица не го искористиле само 11 лица. 228 гласале за парламетарните, додека едно лице помалку за претседателските избори, информираат од ОИК Охрид.

Навремено утрово се отворени и избирачките места во Општина Дебрца, каде според информациите од ОИК Дебрца гласањето се одвива тековно.

Сите 23 избирачки места се навремено отворено и гласањето се одвива тековно. Во Избирачкиот список за претседателски избори запишани се 4001 лице, додека за парламентарните 4009 лица. Правото на глас вчера го искористија 33 болни и немоќни лица од запишаните 34 избирачи, велат од ОИК Дебрца.

На ниво на држава, право на глас на претседателските избори имаат вкупно 1.814.317 гласачи, а за парламентарните избори запишани се 1.815.350 гласачи. Според информациите од Државната изборна комисија досега нема пријавено никакви проблеми со отворањето на избирачките места.

Н.С.Ј.