Под мотото “Приказната продолжува“, викендов познатата навивачка група „Рибари“ Охрид, ќе одбележи 30 години постоење. По тој повод охридските навивачи подготвуваат вистински спектакл, кој поради бројните државнички и меѓународни настани во градот претрпе мала измена, и ќе се одржи комплетно во недела, 10 ноември.
„Рибари“ во недела најпрвин ќе присуствуваат на натпреварот помеѓу Охрид и Кораб на СРЦ „Билјанини извори“, кој започнува во 13 часот. Главниот собир на сите генерации „Рибари“ е во 15 часот на плоштадот кај стариот Чинар, од каде навивачите во кортео ќе се упатат кон салата „Билјанини извори“, каде од 17 часот ќе го бодрат РК Охрид во дерби средбата од Супер лигата со Пролет, по што на градскиот кеј ќе следи пиротехнички спектакл.
За 30-от роденден подготвена е специјална кореографија, а направена е и нова песна, која беше промовирана неодамна. Автор е Горан Момироски, еден од основачите на „Рибари“, а ја изведува Јован Куцин заедно со членови на навивачката група. Песната е снимена во неговото студио „Motion Еmotion“.
По повод 30-от роденден на „Рибари“ направени се и специјални маици кои во ограничен број ќе можат да се купат на натреварот РК Охрид – РК Пролет во салата „Билјанини извори“.
На прославата на јубилејот на навивачката група „Рибари“ ќе присуствуваат гости од пријателски навивачки групи од земјата и странство.
OhridNews